Штипската театарска публика ќе ги проследи претставите на театарот „Драфт“ од Тузла, на младинската сцена при „Интимен театар“ од Битола, поетскиот театар на Страшо Милошевски, прилепскиот и театарот „Антон Панов“ од Струмица и Домот на млади во Штип
Штип од утре до 20 ноември ќе ги отвори портите за првото издание на меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“. Манифестацијата е поддржана од локалната самоуправа, а ќе се одржи на две локации, во Домот на млади и мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“.
Уметнички директор на фестивалот е писателот и театарски работник Трајче Кацаров.
– Пред нас е нов театарски фестивал, па иако некој ќе рече дека вакви манифестации има и премногу во Македонија, секоја има свои особености. „Театар во куфер“, според она што ќе го понуди ќе биде навистина поинаков. Можеби затоа што е направен со намера да ја задржи првобитната замисла за тоа што е театар, но и да ја смени целната група на која ѝ се обраќа. А ако ме прашате зошто во куфер? Затоа што за него најлесно се лепат очите на гледачите, затоа што тоа е природна поврзаност со самиот театар, бидејќи некогаш тој навистина бил патувачки. Со него се враќаме во архаичниот приказ за театарот во кој гледачот е активен дел од претставата. Ќе бидеме поблиску до публиката, зашто куферот мора да биде носен од некого. Сметам дека оваа театарска форма ќе зборува и за самите учесници и за гледачите – рече Кацаров, на конференцијата за печатот, што се одржа во пресрет на почетокот на фестивалот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
За Горан Трајков, директор на Домот на млади во Штип, театарот е движечка уметност и не треба да биде заробен во институции.
– Сите заедно одлучивме со овој фестивал да го освежиме културниот живот на Штип, а нашата установа како и досега сака новини, експерименти и поддржува нови, пионерски и оригинални проекти. Со тоа ја продолжуваме и традицијата Штип да биде отворен град за култура, бидејќи тука уште во 1925 година, беше изведена првата опера во Македонија – посочи Трајков.
Во рамките на фестивалот, в среда на 14 ноември, со почеток во 12 часот, во Домот на младите во Штип ќе се одржи и симпозиум на темата „Патувачки театар“, на кој ќе учествуваат: Гоце Ростовски, Христо Петрески, Трајче Кацаров, Кристина Костова и Мишел Павловски.
А што се однесува до програмата, фестивалот ќе го отвори театарот „Драфт“ од Тузла, со претставата „Европејци“, што ќе се одржи во Мултимедијалниот центар в петок во 19 часот. Ќе настапат и младинската сцена при „Интимен театар“ од Битола со претставата „Дисфункција“, Страшо Милошевски ќе се претстави со поетскиот театар „Убави жени“, монодрамата „Женска утопија“ ќе ја прикаже актерката Димитрина Мицкоска, а театарот „Антон Панов“ од Струмица ќе ја изведе претставата „Петтиот чин“.
Фестивалот завршува со претставата „Чекачот“, во изведба на Домот на млади во Штип, чиј автор е Трајче Кацаров.
– Во иднина би сакале да станеме дел од светската галерија на фестивали и да продолжиме да ја негуваме оваа подзаборавена форма на театар, што можеби ќе ги охрабри актерите да тргнат низ Македонија, да настапат секаде каде што ќе можат да ѝ се претстават на публиката. Да направиме театар што се вдишува и допира, да завртиме нова страница во македонската театарска практика – нагласи Кацаров.
Сите учесници ќе добијат маскота „арлекин“, бидејќи годинава фестивалот ќе биде од ревијален карактер, а в година таа ќе им биде доделена на најдобрите актери и претстави.