Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ продолжува со проекции на филмовите што конкурираат за „Златна камера 300“, а паралелно се реализираат сите фестивалски програми.
Претпладнево во рамки на програмата за деца ќе биде емитуван норвешно-шведскиот филм „Лос Бандо“, а надвор од конкуренција, во текот на денот, ќе бидат емитувани и филмовите „Кратки зборови“ од Турција, „Комик Санс“ од Хрватска и „Завојувана жена“, копродукциски филм на тимови од Исланд, Франција и Украина.
Во натпреварот за најдобар краток филм денес ќе учествуваат американскиот филм „Зора“ и грчкиот филм „Лажни вести“, додека пак од селектираните филмови во официјална конкуренција, на филмското платно во големата сала на НУ Центар за култура-Битола ќе бидат емитувани копродукцискиот филм „Фокстрот“ на филмаџии од Израел, Швајцарија, Франција и Германија, а во 22 часот ќе биде емитуван и филмот „Нико 1988“ во италијанско-белгиска копродукција.
Според фестивалската програма во текот на денот на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе продолжат работилниците за студенти, како и други отворени содржини како што се балканската конференција на ИМАГО и изложбата посветена на големиот јубилеј – 60 години од премиерата на македонскиот филм „Мис Стон“.