Марија Апчевска, режисерка

Краткометражниот филм „Северен Пол“ на режисерката Марија Апчевска ја имаше својата премиера во Кан, а минатата недела предизвика одлични реакции и пред публиката на „Филмскиот фестивал во Сараево“. „Северен Пол“ е приказна за 17-годишната Марго, која се обидува да пронајде каде припаѓа и, всушност, точно тоа е и значењето на насловот, опис на нејзината состојба на оддалеченост од другите, како и опис на магливите локации низ кои секојдневно се движи.

Првпат македонски филм влезе во селекција на Кан, како гледате на овој успех?
– Да се биде дел од официјалната селекција на Кан е исклучителен успех. Мислам дека веќе се повторувам, но наједноставно кажано тоа претставува истовремено награда за минатото и огромен мотив за иднината. Претставува и потврда дека искреноста и работата со срце се вистинскиот начин за да постигне успех. Од Кан се вративме полни со импресии. Од начинот на кој е организиран фестивалот, до вниманието на секој детаљ, квалитетот на селекцијата и проекциите, преполните сали публика, вреднувањето на филмовите и авторите, можноста за нови контакти, запознавање и споделување со колеги од целиот цвет… Едно незаборавно искуство за кое можам многу да зборувам, а пак да не успеам да го доловам чувството, кое веројатно може да се разбере само ако се доживее.

Реакцијата на публиката е најмеродавна, а филмот ја освои публиката во Кан. Какви беа реакциите?
– Еден чест комплимент што го добивавме таму се однесуваше на безвременоста на филмот. Премиерата во Кан навистина помина одлично, пред полна сала со 1.200 седишта. И јас и другите девет колеги од официјалната компетиција, како и членовите на екипите што беа присутни, сите бевме фасцинирани од стоечкиот аплауз што траеше со минути. И потоа прашањата, пристапот од луѓе од целиот свет, кои првпат го гледаа филмот. Неверојатно чувство.

Каква порака носи филмот „Северен Пол“?
– Искрено, повеќе ми се допаѓаат интимни филмови што отвораат прашања отколку филмови што дидактички и механички пренесуваат пораки. Во суштина, верувам дека тоа е единствениот искрен пат кон промена поттикнат од која било уметност. Во таа смисла, прашањата што ги поставува „Северен Пол“ се однесуваат на идентитетот, на конформирањето и притисокот што потекнува од тоа. Суптилноста со која сакав да ги пренесам овие теми ми беше од особено значење, за што огромна заслуга има целиот каст, предводен од Антонија Белазелкоска, чија изведба е клучна, како и Лука Митев, во главната машка улога. „Северен Пол“ е филм направен со многу љубов и посветеност на целата екипа. Верувам дека тоа се гледа во филмот. Освен тоа, мислам дека и искреноста со која се обработува темата, како и одличната работа на целиот продуцентски и авторски тим се елементи што успешно се споија.

Куриозитет на филмот е снимањето на 16 мм филмска лента. Дали токму во тоа се состои деликатноста на филмот?
– Снимањето е на 16 мм лента е сигурно еден од важните елементи на филмот, но не би можела да го издвојам како единствена специјалност. Заслугата за одличната фотографија е на Влатко Самоиловски, кој еднакво добро би го снимил на која било камера. Она што ме привлече од самиот почеток кон 16 мм е нејзината структура, која се совпаѓа со начинот на кој го визуализирав „Северен Пол“. За среќа, имав поддршката од продуцентот Роберт Насков за снимање на лента, бидејќи тоа навистина дополнително го отежнува процесот на снимање, и во фазата на припреми и во фазата на постпродукција.

Го најавивте долгометражниот филм „Пролетно чистење“, во која фаза е филмот?
– Филмот е во развој и енергијата ми е насочена главно кон тоа и кон некои други интересни проекти на кои работам истовремено.


Антонија Белазелкоска, главната актерка

Марго е лик со кој публиката може да се поврзе

Главната актера во филмот е Антонија Белезелкоска, која вторпат соработува со Апчевска.

Како го опишувате ликот на Марго? И што посебно ви се допадна во филмот? 

Марго е лик кој може да се сретне во секојдневниот живот, тивка и наивна девојка. Доброто во неа е што на крајот успева да остане своја и покрај притисоците и влијанијата од нејзината околина. Идејата за филмот ми се допадна уште пред две години кога снимивме кратко видео со Марија Апчевска за развивање на сценариото. Самата тема не е доволно јавно дискутирана, а тоа што се пренесува преку уметност е нешто што ме поврза со филмот.

Беше ли тешко да се пренесе пораката и ликот на Марго?

Марго е лик со кој поголемиот дел од публиката може да се поврзе. Нејзината осаменост и неприфатливост се емоциите кои најмногу преовладуваат во таа возрасна група, па не ми беше тешко да поврзам слични моменти од мојот живот и да ги пренесам на камера. Начинот на кој Марија е поставена кон мене ми беше огромна помош во пронаоѓањето на тие чувства, како и детето во мене, со што успеав да ја доловам пораката на ликот.

Како вие го доживувате успехот на „Северниот пол“?

Сето ова што ми се случува сега е нешто за кое сум сонувала уште од мали години и самото чувство е нереално. Светската премиера во Кан е огромно постигнување, како за филмот така и за мене, со оглед на тоа што присуствуваа професионалци од филмската индустрија на интернационално ниво. Многу сум среќна што со прекрасната екипа на „Северен пол“ направивме филм кој е меѓу десетте најдобри филмови во светот, а тежината е уште поголема ако се земе во предвид фактот дека ова е првиот македонски филм во официјалната селекција на овој фестивал.