Скалестата Џосерова пирамида е висока 60 метри и се верува дека е првата пирамида во Египет и најстара градба во светот. Таа била целосно изградена од камен од античкиот египетски архитект Имотеп во огромната некропола Сакара, јужно од Каиро, и се верува дека е последното место каде што престојувал кралот Џосер, основач на старото кралство. Но камените греди и блокот што ја поддржуваат структурата значително ослабнале со текот на времето.
Питер Џејмс, инженер од Њупорт, Велс, започна со поправка на гробницата во распаѓање уште во 2011 година. Денес структурата е конечно сигурна за да биде отворена и за туристите. Посетителите повторно се во можност да ја истражат гробницата на кралот Џосер. Таа е отворена првпат по 1930-тите години, кога беше затворена поради безбедносните проблеми.
Џејмс, извршниот директор на „Синтек“, велшката компанија што ја санираше пирамидата, за „Тајмс“ изјави дека градежните работи биле полни со ризик.
– Навистина беше исклучително, исклучително, опасно – откри тој.
Пирамидата на Џосер датира од 2.680 година пр. н.е и претставувала револуционерен концепт. Прототипот на пирамидата го обезбеди планот за сите идни египетски развои. Скалестата пирамида е составена од шест мастаба (правоаголни структури) наредени еден врз друг и била дизајнирана и изградена под раководство на Имотеп.
– Восхитени сме за тоа како тој успеал да ја создаде оваа структура, која постои веќе 4.700 години – рече министерот за туризам и антиквитети во Египет Калед ал Анани.
Комората, која се наоѓа на околу 100 метри под земја, во срцето на пирамидата, го чува саркофагот на фараонот, но досега не е откриена никаква мумија или содржина. Постојат и хиероглифи од книгата на мртвите испишани на еден од ѕидовите на комората. Пронајдени биле урнатини, кои паднале од покривот врз саркофагот и голем број внатрешни потпорни греди биле скршени.
„Синтек“ победи со профитабилен договор за да помогне во зачувувањето на најстарата пирамида во Египет во 2011 година, по штетата предизвикана од земјотресот во 1992 година. Фирмата беше препорачана во 1992 година кога работеше на зачувување на замокот „Виндзор“ по пожарот истата година. „Синтек“ беше повикана и од индиската влада да го зајакне главниот мост во Делхи пред минатогодишните игри на „Комонвелт“. Џејмс разви иновативни методи засновани на претходното искуство за зајакнување на античката структура. Еден таков метод вклучува длабење дупки во ѕидовите, низ кои потоа се протнува шипка обвиена во ткаенина. Оваа шипка може да биде долга неколку метри и поминува низ пукнатини во sидовите на ентериерот на пирамидата. Потоа малтер се истура помеѓу ткаенината и металната шипка и, како што се зацврстува, се шири и ги пополнува празнините, додавајќи значително структурен интегритет.
Главниот ризик со кој инженерите се обидоа да се соочат беше колапс на пирамидата. Затоа, иновативен систем, сличен на воздушни перничиња, беше користен за поддршка на sидовите како вметнати челични сидра. Поради нестабилноста на таванот, потребно беше да се истури малтер за да се обезбеди поголема стабилност на структурата. Инженерите потоа можеа внимателно да користат дијамантски дупчалки за да создадат дупки во кои би биле вметнати челичните шипки.
– Ја прифаќаме значајноста на историските и религиозните структури за нивните култури и се надеваме дека ќе продолжиме да развиваме напредни системи, кои ќе ги зачуваат археолошките структури за идните генерации.
Проектот „Скалеста пирамида“ е од особено значење за нас, бидејќи целата структура може да биде уништена во кој било момент, како резултат на оштетување на таванот и покривот, предизвикано од земјотресот. Наша цел е да работиме што е можно поефикасно на овој проект без да влијаеме на дизајнот или јачината на структурата – изјави Цејмс во тоа време.
Реновирањето започна во 2006 година, но беше прекинато во 2011 и 2012 година од „безбедносни причини“, како резултат на социјалните немири и револуцијата. Работата беше прекината до 2013 година.
Популарното востание во Египет во 2011 година го собори долгогодишниот диктатор Хосни Мубарак, а туризмот беше еден од секторите што беа најсилно погодени. Премиерот на Египет изјави дека реновирањето чинело повеќе од 104 милиони египетски фунти (6,66 милиони долари).
– Работиме напорно за да изградиме нов Египет и обновувањето на нашето наследство е на врвот на нашите приоритети – рече Мустафа Мадбули.
Гигантскиот „Гранд музеј на Египет“ со поглед на пирамидите во Гиза, треба да се отвори на крајот на оваа година, пет години подоцна од првично планираното.
Контроверзноста избувна во 2014 година кога египетските медиуми објавија дека Џосеровата пирамида била оштетена за време на реставрацијата, при што неколку египетски невладини организации велат дека оригиналната фасада на споменикот е изменета.
Египет се залагаше за многубројни археолошки наоди во последните неколку години, со надеж дека ќе го зајакне својот витален туристички сектор, кој претрпе повеќе удари од востанието во 2011 година. Минатата година властите открија гробници стари 4.500 години во близината на пирамидите во Гиза, исполнети со шарени дрвени ковчези и статуи од варовник.
Во ноември 2018 година, Министерството го објави откритието на седум саркофази, некои датираат повеќе од 6.000 години, на местото на работ на пирамидалниот комплекс во Сакара. Пронајдени се и десетици мумифицирани мачки.
Египетските туристички пристигнувања достигнаа 11,3 милиони во 2018 година, што претставува зголемување од 5,3 милиони во 2016 година.