Националната комисја за УНЕСКО ја одржа конститутивната седница на платформата „Зум“.
По службена должност претседател на Комисијата е министерката за култура, Ирена Стефоска, која ги информира членовите за начините на остварување на соработката со УНЕСКО на Националата комисија и координација со ресорните органи, институции, организации со Секретаријатот на Националната комисија. Беа посочени и приоритетите на Северна Македонија пред следната годишна конференција на светската организација, а кои се однесуваат на потребата за зајакнување на соработката на нашата земја со УНЕСКО во сите програмски области и на сите нивоа (комитети, одбори и сл.) и поголемо учество на младите во активностите на организацијата.
Комисијата беше информирана и за поднесената апликација за поставување на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново на тентативната (пробна) листа на УНЕСКО. Ова е прва апликација за запишување на листата за светско културно и природно добро од нашата земја до УНЕСКО по 1978 година кога Охридскиот Регион бил впишан на оваа листа.
Членовите на Националната комисија беа запознаени со трите македонски проекти од областа на културата, науката и заштитата на животната средина, кои се одобрени во рамките на Програмата на УНЕСКО за партиципација за 2020-2021 година.
На следната седница Националната комисија ќе го разгледа извештајот за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот за спроведување на препораките од одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 43. сесија (Баку, Азербеџан, 2019), како и финалниот извештај по реактивната мисија во Охридскиот Регион, кој ќе биде официјализиран на почетокот на февруари.
Националната комисија за УНЕСКО е составена од 22 члена, меѓу кои се министри од Владата, директори на државни институции и авторитети за областите што се поврзани со светската организација.