Мултимедијалниот проект „Везење во камен“ на уметницата Моника Мотеска, „Нови пејзажи – архив на реалноста“, изложба на фотографии на Роберт Јанкуловски, како и две изложби на млади уметници, „Сеништа“ на Викторија Попоска и „Капсид i²0“ на Дарко Комненовиќ, ќе може да се погледнат до 10 јануари наредната година
Мултимедијалниот проект „Везење во камен“ на уметницата Моника Мотеска, кој е поставен во „Чифте-амам“ и ќе може да се погледне до 22 декември, е една од четирите нови изложби што во објектите Националната галерија на Македонија ќе бидат отворени во текот на месецов. Денеска во мултимедијалниот центар „Мала станица“, под насловот „Нови пејзажи – архив на реалноста“, ќе биде поставена изложбата на фотографии на уметникот фотограф Роберт Јанкуловски, како и две изложби на млади уметници: „Сеништа“ на Викторија Попоска и „Капсид i²0“ на Дарко Комненовиќ.
Трите изложби ќе може да се погледнат до 10 јануари наредната година.
– Во овие тешки времиња, во кои општото функционирање и егзистирање се отежнати со секојдневното влошување на состојбата со пандемијата на ковид- 19, културата се бори да опстои и со своите програми да понуди содржини на љубителите на уметноста, за да едуцира, анимира, продухови – посочуваат од Националната галерија.
Проектот „Везење во камен“ ги претставува најновите истражувања на Моника Мотеска, а го чинат неколку независни, но и меѓусебно поврзани визуелни дела во различен медиум: најкласични цртежи-слики, просторни редимејд објектни скулптури/инсталации и видео и звучни дела/инсталации.
– Самиот концепт и најголемиот дел од посебните елементи на изложбата се своевидно враќање на Мотеска на корените, на нејзиниот роден Прилеп, на предметите од фамилијарната куќа, на приказните на бабата на уметницата, на макотрпната работа на македонскиот народ, на тутуноберачите, на мермерот, на вечната борба помеѓу животот и смртта, за опстојувањето и оставањето трага. Низ рацете на Моника Мотеска сите користени елементи добиваат нов живот, нов призвук, нова димензија, мермерот омекнува, ирисот од гробно цвеќе станува симбол на гордост и повторно радување на убавината и животот, битот на животот одекнува, поставувајќи го прашањето за симболиката на живот или на смрт – посочува кураторката виша кустоска Ана Франговска, укажувајќи дека станува збор за комплексна инсталација што ќе го анимира целиот простор на „Чифте-амам“.
Ана Франговска е кураторка и на изложбата на фотографии „Нови пејзажи – архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски, победничкиот проект на конкурсот за зрел уметник, кој годинава премиерно го објави Националната галерија и на кој аплицираа 11 кандидати. Проектот на Јанкуловски беше избран од страна на меѓународната комисија, која ја сочинуваа проф. Миодраг Шуваковиќ, Арта Буњаку Агани и Роман Урањек.
– Секој уметник во исто време е хроничар на времето во кое живее и многупати е можно да се реконструира историското време преку уметничките дела. Истражувањето на Роберт Јанкулоски за Србија, Грција и Македонија преку природата е поврзано со традицијата на теми од пејзажот и во исто време со традицијата на грдото и автентичното во современата уметност – стои меѓу другото во образложението на комисијата во врска со овој проект на Јанкулоски.
„Сеништа“ е насловот на изложбата на Викторија Попоска, која, како и Дарко Комненовиќ со неговиот проект „Капсид i²0“, е победничка на конкурсот за млад уметник, кој исто така годинава премиерно го објави Националната галерија. На него аплицирале 23 кандидати, а одлуката ја донела гореспоменатата меѓународната комисија.
– Самата изложба „Сеништа“ претставува дел од еден цел проект што се однесува на сѐ поактуелната светска стратегија за зачувување на планетата Земја. Како уметница, а наедно и активистка, своето живеење таа го насочува сѐ повеќе кон наједноставниот начин, со враќање кон природата, отфрлајќи ги актуелните, современи, „трендовски“ производи, по чија употреба останува огромно количество неразградлива амбалажа. Во согласност со нејзината животна филозофија, таа и своето творештво го насочува кон издигнување на свеста, користејќи го отпадот. Создавањето на делата на Попоска претставува своевиден процес со свој почеток и крај. Градењето на скулптурите, објектите за неа претставува вистински ритуал, започнувајќи со собирање, селектирање, миење на отпадот, потоа негово вообличување во дело и на крајот (по завршувањето на изложбата) дислоцирање во депонија – посочува кураторката на оваа изложба Александра Зиновска Вилиќ.
Дарко Комненовиќ, како што укажува кураторот на изложбата „Капсид i²0“ Горанчо Ѓорѓиевски, е визуелен уметник што работи во контекст на постскулпторско дело.
– Истражувањата и конструкциите на Дарко Комненовиќ ги поврзуваат скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепција, комуникација и когнитивно мапирање на визуелните ефекти. Проектот „Капсид i²0 “ е одличен пример за тековниот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната пандемија на ковид-19. Уметникот луцидно ги покажува потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединци и односите меѓу поединци и колективи, поединци и институции и институции и институции. Уметникот покажува сложени човечки, политички, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации што се испровоцирани од човечката состојба во кризни пандемиски моменти.
Тој ги посочува односите меѓу двата важни модалитети на ова дело: ликот на склопување традиционални и модерни материјали/медиуми и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталното и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за тестирање на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност. Проектот го заслужува вниманието со својата актуелност, хибриден материјал, медиумска сложеност и суштински егзистенцијален ангажман – вели кураторот Ѓорѓиевски.