На третата научна конференција во рамките на „Слепченско-демирхисарска летна школа 2021“ беа презентирани трудови од македонски научници, како и од Николај Зубов од Одеса
Годинашното издание на веќе познатата „Слепченско-демирхисарска летна школа“, која од 16 јули се одржуваше во манастирот „Св. Јован Претеча“ во селото Слепче – Демир Хисар, ќе биде затворено утре со предвидената претпладневна работна сесија и со доделување дипломи на учесниците. Во неговиот двор, на отворено, на 16 јули се одржа и третата по ред меѓународна научна конференција со наслов „Манастирот ’Св. Јован Претеча‘ во Слепче и културната историја на Македонија во времето на 16 и 17 век “, во организација на самиот манастир, во соработка со истражувачкиот центар на културното наследство „Цветан Грозданов“, при Македонската академија на науките и уметностите. На научната конференција, стручни согледувања за културната историја од посочените два века, презентираа македонските научници: Илија Велев, Сашо Цветковски, Ванчо Георгиев, Елизабета Касапова, Јехона Спахиу-Јанчевска, (видеообраќање), Дарко Николовски, Виктор Недески, Емилија Апостолова -Чаловска, Васил Георгиев и други, а преку линковско вклучување својот труд го презентираше и Николај Зубов од Украина. Во рамките на школата беа промовирани и Зборникот на трудови од втората меѓународна научна конференција „Манастирот Слепче и поствизантиската уметност на Балканот во 16 и 17 век“ и монографијата „Црквата ‘Св. Никола’ во Слепче, Демир Хисар“ од историчарот на уметноста Сашо Цветковски, раководителот на „Слепченско-демирхисарска летна школа“ и на меѓународната научна конференција.
– „Слепченско-демирхисарска летна школа“ е концепциски оформена со две големи тематски целини, едната насочена кон научниот собир, а втората кон редовните активности што ги остваруваме преку неколку работни секции: за археологија, за архитектура, историја, за теологија и за историја на уметноста. Сметам дека годинава организиравме успешен научен собир со учество на 12 истражувачи од Македонија, а на наше големо задоволство се вклучи и еден истражувач на средновековните ракописи од Украина, професорот од Универзитетот од Одеса, Николај Зубов. Тој на наше барање ги даде првите научни информации за еден од најстарите поменици од манастирот Слепче, кој се чува во Националната библиотека во Одеса. Тоа беше голем придонес кон научната конференција, но и преостанатите трудови што ги слушнавме беа на навистина високо научно ниво, со презентирани нови сознанија, како за манастирот така и пошироко за уметноста на Демирхисарско, но и воопшто за уметноста на тој поствизантиски период во Македонија. Ги издвојувам и настапите на истражувачите што се занимаваат со нашето старо книжевно наследство, особено со Слепченската книжевна школа. Беа презентирани резултати што веќе даваат аргументи и за посебни дејци, коишто даваат печат на Слепченската школа, а тоа е познатиот јеромонах Висарион, кој досега во наука се споменуваше како Висарион Дебарски, а отсега, со веќе доволно презентираната документација, ние можеме да говориме за Висарион Слепченски, кој поминал некаде 30 години во манастирот и ги творел најубавите ракописни дела од тоа време – изјави меѓудругото Сашо Цветковски. Тој изрази задоволство од соработката и поддршката што оваа школа ја има од сестринството на манастирот, особено од игуменот отец Серафим, која трае од 2015 година, како и од поддршката во еден дел и од Министерството за култура. Изрази надеж дека и Општина Демир Хисар повторно ќе се вклучи во организацијата на нејзините активности, бидејќи како што и потенцираше, низ активностите на школата, особено со работата на секцијата за археологија, е собран голем археолошки материјал, кој може да се презентира преку една постојана музејска поставка за Демирхисарскиот Регион. Во активностите во Слепченско-демирхисарска летна школа, предводени од професори, учествуваа дваесетина студенти, додипломци и постдипломци.