Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира меѓународна научна конференција на тема „Транзиција на правните системи: 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“.
Меѓународната научна конференција ќе се одржи на 8 и 9 ноември 2019 година, кога се одбележува 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, настан што симболично ги означи крајот на Студената војна и почетокот на процесот на транзиција на правните системи во посткомунистичките земји.
– Конференцијата има цел да ги истражи разните патеки на транзиција избрани и спроведени во целиот континент, да иницира дискусија и изведе заклучоци за најдобрите практики и научени лекции за време на транзицијата – информираат од Правниот факултет.
Конференцијата почнува на 8 ноември, во 9.30 часот, и ќе ја отворат професор Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, професор Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, германскиот амбасадор во Македонија, Томас Норберт Герберих, и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Клучни говорници на пленарната сесија на конференцијата се професор Отмар Сеул од Универзитетот „Париз Х“ во Франција и професор Томас Гигерих, „Европа институт“, Универзитет „Сарланд“, Германија.
На конференцијата ќе се презентираат околу 60 научни трудови од истражувачи од земјата и странство.