Третата научна конференција и четвртата Слепченско-демирхисарска летна школа ќе се одржи од утре до 20 јули, во организација на манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, а во соработка со ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ.
Утре, од 12 часот, ќе се одржи Меѓународната научна конференција, со учество на реномираните научници Илија Велев, Виктор Лилчиќ Адамс, Сашо Цветковски, Ванчо Георгиев, Елизабета Касапова, Јехона Спахиу-Јанчевска, Дарко Николовски, Александар Василевски и други, а со линковско вклучување својот труд ќе го изложи Николај Зубов од Универзитетот во Одеса, Украина.
На 17 јули свечено ќе биде отворена годинешната школа, со промоција на Зборникот на трудови од Втората меѓународна научна конференција „Манастирот Слепче и поствизантиската уметност на Балканот во 16 и17 век“, како и монографијата „Црквата ‘Св. Никола’ во Слепче, Демир Хисар“ од авторот Сашо Цветковски, изданија произлезени од активностите на школата во претходните години.
Предвидени се и едукативни предавања во рамките на попладневните работни сесии, кои секојдневно, до завршувањето на школата на 20 јули, ќе се одвиваат во манастирот. Предавањата тематски се насочени кон презентирање дела-ракописи од Слепченскиот книжевен центар, особено кон делата на најпознатите скриптори и автори Висарион Слепченски и Матеја Слепченски, но и на химнографски дела од досега непознати книжевни и музички дејци поврзани со подоцнежната историја на манастирот.
Активностите во рамките на годинешната Слепченско-демирхисарска летна школа ќе се одвиваат во доменот на пет научноистражувачки секции предводени од реномирани професори и со учество на дваесетина студенти, додипломци и постдипломци. Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири, како и најзначајните места од илинденскиот период, Смилево, Бабино, Велмевци, Вардино и Крушево.