Уметници споделуваат совети за изолација
Од предизвикот за фотографија во изолација на Мартин Пар, до упатството за свирење на гитара од Мартин Крид, уметниците покажуваат како коронавирусот не треба да значи крај на креативноста. Големите организации беа првите што се вклучија, при што „МoМА“ во Њујорк, Националната галерија на портрети и „ВиА“ во Лондон веднаш станаа дел од кампањата „МузејОдДома“. Сепак, додека големите институции сонуваа за начини да ги претстават своите колекции пред публиката што седи дома, самите уметници добиваа малку повеќе алтруистички идеи.
– Уметниците добро практикуваат самоизолација. Честопати на тој начин работат во нивните студија и така добиваат многу креативни решенија – вели Метју Бароус.
Бароус го креира хаштагот „Артист супорт плеџ“, мрежа за поддршка на индивидуалци уметници, заедно со профилот „Исолејшн арт скул“, исто така на Инстаграм, креиран од уметникот Кит Тајсон, кој ја освои наградата „Тарнер“ во 2002 година. Ова ново „училиште“ ги поканува професионалците да организираат инспиративни работилници на социјалните медиуми бесплатно. За помалку од една недела, профилот собра повеќе од 6.000 следбеници, кои сакаат да научат како да прават подвижни скулптури како Калдер, да насликаат пејзажи додека се во кујната и да научат нешто директно од луѓе како Урс Фишер, Квентин Блејк и Мет Колишав.
Во меѓувреме, „Артист супорт плеџ“ им нуди на уметниците рамка да генерираат финансии по распаѓањето на нивните традиционални приходи. Учесниците можат да прикачат најмногу 10 дела што не чинат повеќе од 200 фунти на социјалните мрежи користејќи го нивниот хаштаг. За секои заработени 1.000 фунти, уметникот треба да купи дело од друг член на шемата.
Уметницата со седиште во Нотингем, Јелена Попова, се пријави откако најде време да го среди своето студио.
– Моите четири објавени слики беа од пред да започнам да работам со природни пигменти, па затоа мислев дека треба да ослободам простор. Одговорот беше толку позитивен, ме развесели бескрајно! – вели таа.