Народниот театар во Приштина, со седиште во Грачаница, во октомври одбележува јубилејни 70 години постоење. Јубилејот ќе биде одбележан на 8 октомври, со премиера на Гогољевата „Женидба“, во режија на Милан Караџиќ и во копродукција со Српскиот народен театар од Нови Сад. Станува збор за институција што од 1999 година успешно функционира во многу тешки и специфични услови надвор од својата матична зграда, пренесува српска „Политика“.
Во предвечерјето на одбележувањето на седмата деценија постоење, ансамблот на овој витален театар ги изненади во август театарските поклоници со голем број активности. По изведбата на претставата „Сигурна машка куќа“ на Александар Југовиќ, во режија на Иван Дениќ, на земунски „Гардош“, ансамблот на претставата „Дантоновата смрт“, во режија на Мауриси Фаре, со потекло од Каталонија, кој долги години живее во Германија, беше во Берлин, а со Михизовиот „Бановиќ Страхиња“, направен во копродукција со Театарот од Шабац и во режија на Небојша Брадиќ, учествуваше на „Рашките духовни свечености“, а ден подоцна и во Врњачка Бања.
Професионалниот театар на Косово првпат заживеал во Призрен, во 1945 година, но само по една година престанал со работа. Три години подоцна, односно во 1948 година, српските уметници основале професионален театар во Приштина, за на ансамблот подоцна да му се приклучат и албански глумци.
– По 1999 година дојдовме во ситуација да бидеме практично избркани од својата матична зграда и Народниот театар од Приштина да биде раселен, како што е, впрочем, и судбината на поголемиот број Срби од Косово и Метохија, за во 2005 година овој театар повторно да почне со работа – изјави директорот на оваа театарска куќа, Предраг Пеѓа Радоњиќ, за „Политика“.
Според него, Народниот театар од Приштина сега има ново привремено седиште по Лепосавиќ и Косовска Митровица, на новата адреса во Грачаница, така што на некој начин делумно се врати во својот град, односно во Приштина.
Денес Народниот театар од Приштина со седиште во Грачаница има вкупно 54 члена, од кои 14 се глумци. Минатата сезона изведе четири премиерни претстави, но и потпиша протоколи за соработка со Народниот театар во Белград, со новосадскиот Српски народен театар, со Шабачкиот театар, со огромна желба да покаже дека и на Косово и Метохија постојат луѓе што на квалитетен начин се занимаваат со современо театарско творештво.
Така, вели Предраг Радоњиќ, првпат по 1999 година Министерството за култура на Република Србија лани вложило средства во доградба на 200 квадратни метри за простории на овој театар над постојните, кои се користат во Домот на културата во Грачаница.