Завршија годинашните истражувања на Трескавец
Како еден од деветте споменици на културата, лоцирани во рамките на заштитеното подрачје Маркови Кули, културните содржини на Трескавец имаат нагласено сакрални карактеристики, кои во непосредна просторно-функционална корелација со особените геолошки содржини, несомнено претставуваат уникатна културна вредност во поширокиот регионален просторен контекст
Завршија годинашните теренски истражувања на комплексот Трескавец, што се заокружување на првата етапа на сеопфатните археолошки истражувања на овој уникатен културен комплекс реализирани во периодот од 2008 до 2019 година. Со истражувањата се констатирани десет етапи во користењето на овој простор, хронолошки детерминирани од доцното бронзено време, при што од особено културно-цивилизациско значење за централнобалканскиот простор се двете етапи од егзистенцијата на античката населба Колобаиса (1 и 2 век – 6 и 7 век) и трите етапи поврзани со конституирањето и развитокот на манастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец (12-18 век).
– Констатиравме десет основни етапи во егзистенцијата на археолошкиот комплекс. Првата етапа во користењето на овој простор се поврзува со доцното бронзено време. Имено, на просторот северозападно од рецентниот манастир се откриени фрагменти од типична за ова време садова керамика во нарушени културни слоеви. Следните три етапи се поврзуваат со егзистенцијата на античката населба Колобаиса. Врз основа на анализата на откриените наоди и стратиграфските согледувања, издвоени се три основни етапи на античката населба, датирани во времето од 3 век пр. н.е до 6 век од н.е. За секоја етапа во основни црти се дефинирани просторниот распоред и изгледот на структуралните населбински сегменти. Петтата етапа се поврзува со полниот среден век и се манифестира со откриени остатоци од долните делови на живеалишно-производствени објекти најнепосредно културно-хронолошки поврзани со објектите од протоурбаната етапа на средновековниот Прилеп – вели Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура – Прилеп, раководител на проектот.
Следните пет етапи во користењето на овој комплекс се поврзуваат со егзистенцијата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, при што според своето значење се издвојуваат етапите поврзани со времето од средината на 12 до последните децении на 14 / почеток на 15 век. Имено, во овој период следиме процеси на повеќекратно ремоделирање на основните структурални елементи на манастирскиот комплекс: манастирска црква, погребувања, влезови, оградни ѕидови, конаци и др., без сомнение најнепосредно условени од воено-политичките собитија и социјално-економските процеси во регионот на северна Пелагонија.
– Годинашните теренски истражувања беа лоцирани во источниот и во северозападниот сегмент од археолошкиот комплекс и имаа непосредна цел изјаснување на архитектонските решенија на главниот влез и потерната на античката населба Колобаиса, како и откривање на остатоците од втората зона на манастирскиот комплекс и нивно поопстојно хронолошко детерминирање. Дополнително беа во функција на подготвување на втората етапа на археолошко-конзерваторски зафати на комплексот Трескавец – вели тој.
Претходните години во првата фаза од истражувањата беа реализирани заштитни археолошки истражувања на повеќе делови од манастирскиот комплекс, особено околу просторот на магерничкиот конак, околу конаците за добивање релевантни податоци.
– Со истражувањата на локалитетот Колобаиса се откриени остатоците од оградните ѕидови и источниот влез (потерна) на античката населба. Откриените објекти се поврзуваат со рановизантиската етапа на населбата, хронолошки детерминирана во времето од последните децении на 4 до почетокот на 6 век и први децении на 7 век. Откриените остатоци овозможуваат заокружување на сознанијата за отвореното источно подградие на Колобаиса, како и за карактерот на една од главните комуникациски артерии во рамките на заштитеното подрачје: Маркови Кули – Кукул Баба – Златоврв Трескавец. Во горните културни слоеви на локалитетот Манастир се откривани фрагментарни остатоци од втората зона на манастирот (делови од градби, градежна и садова керамика, монети и др.), хронолошки детерминирани во времето од 12 до 18 век. Овие наоди ги комплетираат сознанијата за втората зона на манастирскиот комплекс како особени производствено-складишни содржини. Кај локалитетот Градина се откриени остатоците од главниот влез во античката Колобаиса, а со годинашните археолошки истражувања се изјасни архитектонското решение на овој суштински сегмент од населбата во времето од 1/2 до 6/7 век.
Имено, конструктивното решение со отсуство на нагласени фортификациски содржини ја потврдува тезата дека населбата имала нагласена сакрална функција, дури и во рановизантиско време кога Колобаиса е сегмент од одбранбениот систем на северна Пелагонија. Во горните културни слоеви на Манастир се откривани фрагментарни остатоци од втората зона на манастирот (делови од градби, градежна и садова керамика, монети и др.), хронолошки детерминирани во времето од 15 до 18 век – вели Ристески.
Овие наоди дополнително ја аргументираат тезата за егзистенција на населбински содржини на највисоките сегменти од Златоврв – Трескавец во времето од 15 до 18 век, паралелно со конституирањето на современиот Прилеп во низината. Притоа тој истакна дека годинашните теренски истражувања се изведени со сеопфатно документирање на досега откриените објекти на археолошкиот комплекс Трескавец, со користење на најсовремените документациски методи што е основа за публикување на досегашните стручно-научни сознанија, но и предуслов за планирање на идните археолошко-архитектонски активности на овој комплекс.
Ова придонесува да се започне втората етапа. Идната година се планирани археолошки истражувања и конзерваторски зафати врз периметралните објекти на античката населба: оградни ѕидови, влезови, градби и сл. Со тоа се потврдува местото на комплексот Трескавец како заокружена просторна целина со уникатни културни и природни содржини, и има издвоено место во процесот на меѓународно валоризирање на културните вредности. Имено, како еден од деветте споменици на културата, лоцирани во рамките на заштитеното подрачје Маркови Кули, културните содржини на Трескавец имаат нагласено сакрални карактеристики, кои во непосредна просторно-функционална корелација со особените геолошки содржини, несомнено претставуваат уникатна културна вредност во поширокиот регионален просторен контекст. Оттаму, стручно-научната верификација на овие содржини, заснована врз сеопфатни студиозни проучувања е неопходниот услов за претензиите заштитеното подрачје Маркови Кули да се најде на постојаната листа на УНЕСКО, како мешано добро.