Емилија Миткоска на 21 февруари ја закажа својата изложба „За сите урбани херои“. Своите креативни дизајни на накит, инспирирани претежно од музиката, ќе ги изложи во „Колектив галери“.
– Патувајќи низ времето на музиката и нотите на „винилките“, до брилијантните трансформации на Боуви, патувајќи низ боите на колоритниот поп-арт до контроверзниот Енди Ворхол, веќе три години се раскажува урбаната приказна во нашиот град, со различните и несекојдневни додатоци на „УрбанЕра“. Наменети за сите урбани херои што се различни од масата, се грижат за вистинските вредности и ја акцентираат својата индивидуалност – вели Ема.
Таа вели дека ја инспирира музиката, „која создава најразлични форми и звуци одекнувајќи во оној меѓупростор во главата каде што струи творечката енергија; сите нејзини генијалци, почнувајќи од Морисон – неговата поезија и бунтовност, преку фантастичните трансформации на Дејвид Боуви, па до динамичниот танц на Џегер“.
-Листањето на нивната повеќеслојност и комплексност како уметници, секогаш на различен начин ми ја развива креативноста.
Секако, инспирацијата ја наоѓам и во сите мали херои на денот, кои постојано се трансформираат,истражуваат и творат со сите нивни насмеани лица – додава авторката Миткоска.
Нејзините парчиња накит се изработени од епоксидна смола и полимерна глина.