Како увертира во објавувањето на номинациите за „оскарите“, на кинотечната програма повторно се најде и македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и на Љубомир Стефанов, со уникатната екопчеларка Атиџе, со надеж за радосни вести од Американската академија за филм
Циклусот филмови „Недела на полски филм: светот на Кшиштоф Кјешловски“, кој се протегаше во првите денови на декември и проекциите на неколку современи наслови од европските кинематографии, кои следуваат, се последните активности за оваа година во Кинотеката на Македонија. Оттаму ги сумираат годинашните бројки за проекциите и посетите.
– Ете, заминува и оваа година. Според вообичаената традиција на крајот на годината да се сведат сметките, кога станува збор за кинотечната програма, тоа низ бројки изгледа вака: над 400 проекции во киносалата со повеќе од 10.000 посетители; десетина циклуси на големите мајстори на филмот и уште толку филмски недели од различни национални кинематографии. Секако, тоа се бројки што само делумно можат да ја приближат прикажувачката димензија на кинотеката низ нејзиното арт-кино – велат од кинотеката.
Од кинотеката ги споменуваат и „малите“ филмови од еднодневниот Филмски фестивал за планинско трчање, организиран од здружението „Трекс“, со поддршка од Фестивалот на планински филм и од кинотеката, како и десеттото фестивалско издание на „Мобил филм фестивал“. Љубителите на хоророт ќе можат да го видат продолжението „Враќање во зомбиленд“ на Рубен Флејшер со Вуди Харелсон, Џес Ајзенберг, Абигејл Бреслин и Ема Стоун.
– Како увертира во објавувањето на номинациите за „оскарите“, на кинотечната програма повторно се најде македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, со уникатната екопчеларка Атиџе, со надеж за радосни вести од Американската академија за филм. На програмата е „И покрај маглата“ на српскиот режисер со интернационална кариера Горан Паскаљевиќ, негов прв филм снимен во Италија. Следуваат хрватскиот филм „Глас“, македонска малцинска копродукција, на Огњен Свиличиќ, со интересна тема за вербата во бога и хрватскиот документарец за култниот панкер Бранко Чрнац-Туста од пулскиот бенд „КУД Идијоти“, едноставно насловен „Туста“. Од жестоките и сурови рифови на Туста се префрламе на домашна елегија: „Кеиф (македонска чалгиска традиција)“, документарен филм на Блаже Дулев за карактеристичниот феномен што го спојува фолклорот со наследството на музичката традиција на Истанбул, односно со византиската црковна музика и со класичната отоманска во еднo, кореспондирајќи со осмогласието и макамскиот систем. На 1 септември годинава се навршија 25 години од премиерното прикажување на дебитантскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Кинотеката на 18 декември пригодно ќе го одбележи – велат од институцијата.
Понатаму ќе бидат прикажани и „Сонот на Катерина“ на браќата Дарио Бишофбергер и Мирко Бишофбергер, „чуден“ филм за двајца мажи во едно тело, и една жена што емотивно е врзана за нив. Институтот „Гете“ за декември го избра филмот „Феникс“ на Кристијан Пецолд, емотивна драма за жена што го преживеала концентрациониот логор „Аушвиц“ и се обидува да започне нов живот, но со старите сомнежи за предавство од најблискиот. Декемвриската кинопрограма завршува со Меѓународниот фестивал на анимиран филм „Анимакс – Скопје фест“. Љубителите на филмската анимација ќе имаат можност три дена да уживаат во интернационалната селекција на кратки анимирани филмови реализирани во различни техники.