Книгата „Фламенко утопија“ на српската поетеса, есеистка и книжевна критичарка Надија Реброња неодамна се објави на македонски јазик во издание на „ПНВ Публикации“.

Реброња има докторирано книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад и предава литература на Државниот универзитет во Нови Пазар. Поезијата ѝ е објавена во списанија и зборници во странство и преведена е на неколку светски јазици (англиски, шпански, италијански, француски, германски, полски, турски, персиски, арапски, македонски и словенечки). Со поезијата од нејзината книга „Танц по морињата“ во италијански превод, 2016 година, направени се осум композиции на конзерваториумот „Николо Пицини“ во Бари, коишто беа претставени на неколку концерти во Италија, Данска и во САД. Како истражувач-научник има престојувано на Универзитетот во Виена (2009) и на Универзитетот во Гранада (2010-2011). Како предавач има одржано предавања на универзитетите во Панама на шпански јазик.

Од промоцијата на „Фламенко утопија“ во киното „Фросина“

Кога еден автор ќе дознае дека книгата му се преведува на друг јазик, што значи тоа за него?
– Без авторот текстот секогаш добива живот. За мене најважен е патот на книгата, кога поезијата ќе пронајде живот на други јазици, зашто тоа е потврда дека јазикот на поезијата е универзален и дека соголеното човештво, кое тежнеам да го приспитувам низ поезијата, ги допира читателите насекаде. Јазикот е само мала препрека.

Ви значи ли дека сте преведени на македонски јазик? Се имате ли пронајдено во македонската книжевност?
– Благодарност за квалитетниот превод на поетесата Искра Пенева. Освен што ми е многу важно дека издавачката куќа „ПНВ Публикации“ има одлично уредени изданија и квалитетна организација, мене ми е многу важно тоа да биде и мој поетски дом. Поетиката на другите автори што се објавени ми е многу блиска, па и сама сум воодушевена додека ги читам нивните изданија.

Од каде толкавата инспирација од Андалузија, што Ве допре толку?
– Мојата поврзаност со Андалузија настана за време на студентскиот престој на Филозофскиот факултет во Гранада, кој е врзан со мојата докторска дисертација по книжевност. Андалузија низ својата историја, уметност, култура, архитектура, сегашност и минато, а посебно преку својата музика, во мојата поезија стана симболичен утописки простор. Фламенко музиката во мојата поезија станува симбол на утопија и настанува како спој на многу различни гласови, кои ги говорат своите лирски приказни.

Поетите треба со леснотија да ги читаат луѓето, градовите, мирисите, формите… Колку може поетот  да се одвои од себе и да биде само објективен набљудувач?
– Настојував низ оваа книга да градам емпатија. Не само да слушам, како што тоа го најавува мојата книга, туку да ги проживеам и да дадам внатрешна слика на градовите, плоштадите, видиковците и на луѓето што танцуваат. Кога приказните и искуствата на другите емпатиски ќе ги преживеете, тие стануваат целосно ваши.

Секој свет е потенцијално утописки, посебно ако се наоѓа во нашата глава. Колку ни е неопходна ваквата наша лична утопија?
– Утопијата е ослободување од сите наметнати идентитети, оние кои со незадоволство ги носиме. Тоа е пронаоѓање на еден вистински идентитет на слобода, кој може да се најде само преку уметноста.

 

Свирачи во метро

ние сме белиот простор
врамен со бројот нула
кругот е хоризонт
кругот е јамка
околу вратот

 

лејла, додека седи

ова овде
е соба за жени
тука ќе ни послужат јадење
откако ќе ручаат нашите мажи
ние и така
не можеме да бидеме среќни
додека тие се гладни
по нашите мртви роднини
машките ни пријатели
ќе жалат таму,
со нашите сопрузи
во нашата лична
во нашата сопствена
соба за жени
никогаш никој
неповикан
нема да влезе
тука сме мирни
помирни од дишењето
помирни од смртта