На штотуку завршениот филмски фестивал „Мотовун“ во Хрватска, македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ја доби наградата на критичарите „Фипресци“.
– Главната актерка нѐ освои со одличен актерски израз и брзо нѐ увери дека главниот лик е паметна жена, која е комплексна личност и која ја открива нејзината моќ во текот на филмот. Таа е симбол на потребата за слобода во многу сфери и укажува на неопходните промени. Филмот е црна комедија, врвно изрежирана, монтирана, динамична и брзо го вовлекува гледачот во неговиот свет – се вели во одлуката за наградата.
Друштвото на филмските критичари во светот е најстарото и највлијателното друштво од областа на филмската критика, а го сочинуваат критичари од 50 земји од целиот свет. Наградата што ја доделува ова здружение носи голема популарност помеѓу филмските автори. Филмскиот фестивал „Мотовун“ е 37-от фестивал во светот на кој се доделува оваа награда.