Музејот на современата уметност во Скопје годинава петти пат ја доделува наградата за најуспешен автор и дело на 12-то Биенале на млади уметници.
Жирито во состав: Јованка Попова, историчарка на уметност и кураторка, Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, и Ѓорѓе Јовановиќ, ликовен уметник, донесоа одлука наградата да му ја доделат на визуелниот уметник Никола Радуловиќ, за неговото дело, мултимедијалната инсталација „Бук оф Склавин“.
Одлуката е донесена поради целовитоста на авторскиот концепт и интердисциплинарниот современ пристап. Во своето дело Радуловиќ успешно ги инкорпорира визуелниот и наративниот израз преку ликовни и текстуални елементи и анимација, притоа создавајќи дело што преку дистопискиот аспект на приказната кореспондира со актуелната политичка и социјална реалност.
– „Бук оф Склавин“ е електронско илустрирано/анимирано книжно издание. Илустрациите во книгата се претставени во гиф-формат и сочинуваат циклуси на анимација што се повторуваат бескрајно. Мистериозна капсула е централен објект во книгата и е прикажана на биеналето како објект-управувач со кој се навигира книгата – стои во образложението.
Никола Радуловиќ (1987, Куманово) дипломирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство, а магистрирал на Националната ликовна академија во Софија. Добитник е на наградата „Борко Лазески“ во 2010 година. Предмет на негов интерес се дигиталните медиуми и Интернет како простор на изложување, класична анимацијa и изработка на илустрирани книги во различни изданија.
Музејот на современа уметност на наградениот автор Никола Радуловиќ ќе му овозможи реализација на самостојна изложба во наредната 2019 година.