„Патот за Итака“ од Мирјана Тренчева е победник на конкурсот за најдобра поетска книга напишана од писателка која членува во Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и објавена во текот на изминатата година (од мај 2017 – април 2018).
Селекторката Билјана Станковска во образложението истакнува дека меѓу кориците на оваа книга „поезијата е на високо естетско рамниште, со длабока емоционална осмисленост, со уметнички обликувани идеи и исклучителни метафори“.
Како што соопшти ДПМ, наградата се состои од плакета и ќе биде врачена на книжевната манифестација „Празник на липите“, која ќе се одржи во Друштвото на писатели кон крајот на месец јуни.