Мултимедијалниот проект од циклусот „Молк“, со наслов „Играш како што другиот ти свири“, од ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, ќе биде претставен во изложбениот салон „Империјал 1“ и „Салон 19:19“ во КИЦ, вечерва, во 20 часот. Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември.
Скулпторскиот интерактивен проект претставува серија од различни удирачки и жичени инструменти инспирирани од историјата на балканските, европските и азиските музички култури. Дискретната хибридна визуализација на музички инструменти чии тела дискретно се акцентирани и завршуваат со реалистички или стилизирани куршуми се моделирани во комбинирана техника. Во извесна смисла, овој проект претставува продолжение на претходниот монументален антимилитантен проект „Молк“. Ваквата хибридизација на инструментите, како и глобалната, а особено локалната политичка состојба, спонтано го генерира насловот, кој во себе содржи истовремено и констатација, но пред сè апел да не „Играш како што другиот ти свири“.
Самиот наслов непосредно реферира на влијанијата на светските центри на моќта што се рефлектираат и реперкуираат во сите сфери на човечкиот живот. Освен за професионалните музичари, проектот е отворен за интеракција и со публиката, така што музицирањето со различните инструменти суптилно ќе го претставува отпорот кон севкупната современа политичка состојба.