Со фотомонографија чија промоција ќе се случи денеска во 12.30 часот, во која е ставен акцент на активностите во последните пет години, Музеј-галеријата од
Кавадарци денеска одбележува значаен јубилеј на оваа културна институција и прв музеј на градот Кавадарци – 45 години од постоењето.
На денешен ден во 1976 година, со изложбата на словенечкиот ликовен уметник Марио Вилхар од Љубљана, бидејќи градот Кавадарци е збратимен со општината Шишка, беше свечено отворена зградата на Музеј-галеријата. Токму на 7 Септември, денот на ослободувањето на Кавадарци.
Во оваа ретроспективна фотомонографија збогатена со културни содржини преку призмата на фотографијата се илустрирани фрагменти, мигови од отворање на изложби,
промоции, трибини, реализација на научно-истражувачки проекти и гостувања од ризницата на многубројните музејски збиднувања во изминативе пет години. Како општ и непрофитабилен музеј во него делуваат, археолошко, историско, галериско и одделение за историја на уметноста, трансформирани во стручна служба во август минатата година. Музеј-галеријата, покрај основната институција, располага со два депанданти: Спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур во селото Ваташа и Музејот на традиционална храна и вкусови кој е отворен во 2013 година, каде се отворени спомен соба на Васил Хаџи-Манов и спомен соба на Никола Бадев. Ми.М.