Парковите и музеите во Пекинг, вклучувајќи го и поранешниот дом на кинеските императори, „Забранетиот град“, деновиве повторно се отворени, откако со месеци беа затворени поради коронавирусот. Историскиот комплекс е отворен под драстично различни услови, дозволувајќи пристап само за 5.000 посетители на ден, наспроти вообичаените 80.000. Парковите во Пекинг исто така се приспособуваат на новите мерки на претпазливост, дозволувајќи им на посетителите само 30 отсто од нивниот вообичаен волумен.
Според извештајот на Гао Давеи, заменик-директор на Бирото за градинарство и зеленило во Пекинг, се тврди дека сите групни активности сѐ уште се суспендирани, а посетителите мора да резервираат билети предвреме преку интернет. Деновиве Пекинг го спушти нивото на реакција при итни случаи за вирусот од прв на втор степен. Во меѓувреме, физичкото дистанцирање и редовните проверки на телесната температура остануваат како превентивна мерка низ целиот град.
Деновиве Кина сѐ уште објавува нови случаи на коронавирус, но голем дел од нив потекнува од странство, а во земјата нема нови смртни случаи во последните три недели.
Бидејќи ограничувањата полека се олабавуваат, културните институции во делови од светот постепено ги отвораат вратите. Минатата недела Франција ги објави плановите за повторно отворање на своите галерии и мали музеи, што ќе започне на 11 мај. Италија и Белгија, исто така, ќе дозволат музеите да започнат со повторно отворање кон средината на мај. Некои германски музеи повторно почнаа да ги пречекуваат посетителите кон крајот на април. Сите овие обновувања доаѓаат со строги нови мерки за безбедност и хигиена.