МТФ „Војдан Чернодрински“ по 54-ти пат ќе се одржи од 7 до 15 јуни. Во официјална конкуренција ќе бидат осум претстави, а наградите за животно дело ќе им бидат доделени на истакнатиот македонски режисер Владимир Милчин и на актерот Бајруш Мјаку. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на Фестивалот во Прилеп.

Во официјална конкуренција ќе бидат изведени претставите „Магбет“ во режија на Нела Витошевиќ од МНТ, „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ од Драмски театар Скопје, „На отворено“ режија Андреј Цветановски на театар Комедија, „Смртта на Дантон“ режија Дино Мустафиќ на Албанскиот театар, „Физика на тагата“ режија Милош Андоновски на Кумановскиот театар, „Бакхи – краток преглед на распадот“ режија Игор Вук Торбица на Битолскиот театар, „Животинска фарма“ режија на Љупчо Ѓоргиевски на Струмичкиот театар и „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на театарот домаќин „Војдан Чернодрински“.

Според уметничкиот директор Катарина Хаџи Василева Коцевска претстави ќе има и во придружна програма од театрите кои не се официјалната програма.

-Новитет ќе биде електронизирање на фестивалот, кој ќе биде присутен на Фејсбук. Инстаграм, ќе има нова веб страница. Исто така битна новина е наградата на публиката, која е најдобрата во Македонија, која знае да следи театар. Публиката ќе може да гласа за претставите и ќе се доделува наградата што ќе биде статуетка од мермер и ќе ја спојува театарската уметност и градот. Фестивалот ќе биде отворен со театарска музика на Влатко Стефановски на седми јуни, а придружната програма ќе биде дополнително утврдена – вели уметничкиот диркетор Коцевска, потенцирајќи дека публиката ќе биде изненадена со затворањето на фестивалот.

Годинава се враќаат тркалезните маси кои ќе се одржуваат веднаш по завршувањето на претставата во официјална конкуренција.

Ка.М.