Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ), кој лани одбележа 50 години од отворањето на својот нов објект, на веб-страницата на виртуелните посетители им нуди вредни информации од досегашната историја, која бележи и богата изложбена и издавачка активност. Отворањето на музејските архиви, разгледувањето на библиотеката и колекцијата на дела оваа институција ги смета за потврда за посветената работа во презентирањето и чувањето на уметничкото творештво на голем број светски и домашни автори.
Овој музеј деновиве потсети дека ја поседува најголемата специјализирана библиотека во земјата, каде што се чуваат книги и публикации поврзани со модерната и современата уметност, теоријата на уметноста и уметничката критика. Од музејот упатија повик за посета, истакнувајќи дека стручниот тим ќе ги воведе и ќе им овозможи на заинтересираните пристап до публикациите од својот фонд, а наедно почнаа и со презентирање на серија кратки објави со наслов „Читаме заедно“. Го привлече вниманието со публикацијата со тврд повез на чија насловна страница стои напишано „Пјер“ и годините 1927-1947, од библиотечниот оддел за карикатура, поставувајќи го и прашањето кој е всушност Пјер и што означува посочениот дводецениски период.
– Историјата на југословенската политичка карикатура, a исто така и антифашистичката визуелна култура во меѓувоениот период, не би можела да се замисли ниту да се испише без неговото име. Петар Крижаниќ-Пјер (1890-1962), големиот југословенски карикатурист, со својата луцидност и впечатлив цртеж бил голема инспирација за голем број автори во повоениот период. Издадена во 1948 година, во Белград, од Сојузот на здруженијата на новинарите, оваа монографска публикација е посветена на втората фаза од плодниот опус на Крижаниќ, кој го опфаќа периодот пред, за време и непосредно по завршувањето на Втората светска војна, кога речиси секојдневно објавува свои карикатури во „Политика“, најугледното гласило во земјата – велат од МСУ.
На Пјер веднаш му станало јасно со каква опасна наезда ќе се соочи светот, а сепак до крајот не се откажал од истрајното симболичко кастрирање на агресорите.
– Иако главните протагонисти Хитлер и Мусолини, како и голем број нивни следбеници, одамна ги нема, тоа што ја сочинува суштината на фашизмот, тоа „нечовечко“, тоа „ужасно зло“, тоа експлоататорско, насилно владеење со страв, за кое предупредувал Пјер, не е погребано со инспираторите, туку сѐ уште е присутно, а некаде дури и се разгорува. На тоа нѐ потсетува и Владислав Рибникар во воведниот текст за оваа извонредна збирка карикатури, а денес потсетуваме и ние. Имајќи ја предвид актуелната ситуација во светот, која се одликува со голема неизвесност и уште поголема поларизираност по различни политички прашања, кои се од егзистенцијална важност, навистина вреди да се навратиме на уметниците што со својата храброст, истрајност и ангажман во навистина мрачни времиња се вградиле во борбата за посветла иднина – истакнуваат од Музејот на современата уметност.
Идејата на серијата „Читаме заедно“ има цел во континуитет да се претставуваат публикациите од богатиот фонд на библиотеката на МСУ со намера, читајќи заеднички, да откриваме повеќе за светот, да го анализираме минатото и да се потрудиме ја дофатиме хиперзабрзаната сегашност, за да можеме да ја проектираме иднината. МСУ од своето постоење досега има објавено голем број публикации: каталози од самостојни и групни изложби, книги предавања и теориска литература, како и списанието „Големото стакло“. Музејот е формиран во 1964 година и е посветен на актуелната, модерната и современата уметност, со поглед кон иднината, а како што е нагласено на веб-страницата, во неговата библиотека има и ретки публикации што се издадени и претходно, а се однесуваат за уметноста од подалечното или од поблиското минато.