„Само случајностите во животот ме доведоа до овде… сепак ја зачував искрената страст кон него. Морето можеби не може да ги измие приморските ридови на Бургундија, тој пејзаж можеби изгледа како снимена фотографија. Но јас имам безброј сеќавања и тие се, за мене, подобри од стварноста чиј шарм премногу тежи на свеста“.
Овие зборови се извадок од писмо што Клод Дебиси (1862-1918) му го напишал на еден своја пријател во 1903 г., во времето кога почнал да го пишува епохалното „Море“. Наспроти претходно воспоставената практика со години да му се посвети на создавањето на едно дело („Ноктурната“ ги пишувал пет, а „Сликите“ седум години), композицијата била завршена за две години и премиерно била изведена на 15 октомври 1905 г. во Париз. Дебиси бил веќе познат и славен, бил почитуван деец, веќе закитен со Легија на честа, па публиката со возбуда ја дочекала праизведбата.
Но музиката прозвучела чудно – поради честите промени во ритамот и темпото, со динамичките експлозии што доаѓале одненадеж, не била она што се очекувало. Критичарите со остро перо го нападнале Дебиси: „Неразбирливо дело во кое недостига величественост“, „остра и напати непријатна звучност“… Да можеле да предвидат колкава популарност ќе доживее музичкото море, да знаеле колку, всушност, Дебиси бил пред своето време, никогаш немало да го ранат со толку тешки зборови. Но кога во јануари 1908 г., Дебиси како диригент успеал на оркестарот да му го пренесе своето видување за музиката и да му го наметне сопствениот уметнички сензибилитет, успехот не изостанал. Зашто музиката не се само нотите испишани во партитурата и отсвирени според зададените параметри, музиката е пренесување на чувствата вградени во нотниот текст и на духовното богатство на композиторот.
„Море“ е едно од највеличествените дела на Дебиси. Вистинска слика за она што претставува морската шир – спокој и немир, бонаца и бранови, страст и тивка љубов. Морето смирува и возбудува, морето детоксицира и успокојува, морето е исцелител на душата и телото.
Лада Шоптрајанова Петровска