Кон биеналната изложба на Ликовната колонија во Галичник
Во „Мала станица“ на Националната галерија имавме можност да ја видиме поставката на 31-та и 32-та Ликовна колонија од Галичник, содржана од дела на 31 уметник од пошироката интернационална сцена. Кураторката на овој биенален концепт со долгогодишна традиција, Ана Франговска, ја постави рамката на творечката идеација од минатогодишната сесија „Коегзистенција“ (2020) како можно ситуирање на односите помеѓу природата и човекот, темелејќи го овој концепт на претпоставката дека уметноста што се твори во денешницата треба барем минимално да рефлектира кон времето во кое се антиципира и создава. Последователната рамка, „Визуелна интрузија“ (2021) е замислена како поттик за конципирање преку новите дигитални медиуми, видеото и фотографијата, и нивните вкрстени форми на изразување, со можна антиципација на еколошката свест како концептуален предзнак.
Уметникот Ненад Тонкин во една директна лексика преку серија фотографии, иконичко ја вербализира улогата на социополитичката свест на човекот, на заедницата, метафоризирајќи го „жолтиот контејнер“ како субјект на искористеност и експлоатација, индицирајќи неодговорност и отсуство на еколошка свест. Во слична линија на промислување, црногорската уметница И. Радовановиќ се одразува по прашањето на празнините, кои се создаваат поради неприспособливоста на системот на културата и социјално вмрежување на уметноста, создавајќи сопствен универзум или простор на кондензирана артикулација, од која произлегува акумулирана просторна креативна згуснатост, ослободена преку чинот на пополнување.
Ѕидната инсталација „Алт Р“ на Јана Јакимовска симболизира олтар на алтернативно и реално сообразување на уметницата со состојбата „мајчинство“, изнесувајќи документарни записи од интимноста на женскиот субјект, на она што во општата фразема на уметноста се третира како абјектно, а во циркуларните естетички означители како табуизирано или премолчливо. Српската уметница М. Марковиќ го преиспитува телесното во уметноста, преку инскрипцијата врз женското тело како субјект на патријархалните стереотипи, како ликовна постапка што ги обновува историските конотатори на феминистичкиот бран од доцните 1970-ти. Уметницата Шќипе Мехмети низ една комбинирана техника се обидува да го постави прашањето на слободата и храброста, на хоризонтот на менталитетот и традицијата на размислување за улогата на женскиот субјект, поттикнувајќи размисли за исклучувањето како феномен, наместо еднаквоста и инклузивноста на жената во општествените процеси. Малите кружни фотографии на Б. Богоевски говорат за суптилно наѕирање во обичните, секојдневни и симплифицирани и ослободени од прекодираност „сигнали“ на човечки и не-човечки дела во природни и неприродни положби. Фотографскиот запис „Исполнета тишина“ на Т. Ристовска луцидно го формулира концептот „обред“, како значенска прагма на имплицитната традиција на културолошкото посредување на природата на човекот, посочувајќи кон општествените норми и реалните услови за егзистенција. Панорамската инсталација „Гледна точка“ на Игор Таневски симболички го третира прашањето на „синтропија“ спроти ентропијата во еден наметнат херметички простор на системско разградување на животните процеси и отстапувањето на човекот од еволутивните механизми на споделеното живеење. Инсталацијата во простор „Аполон и Драцена“ на Ана Трајковска елаборира вкрстување на живиот свет од природата и вештачкиот производ – пластиката, како неразградлив материјал создаден од човекот, отсликувајќи симболично конфликтуално сраснување на ефемерното и новите дистописки константи, кои резултираат со конкретни ефекти на трансформација, миграција и преадаптација на живиот свет. Делото на црногорската уметница М. Далибашиќ суперпонира хиперболизиран реалистички и феноменолошки простор, создавајќи на тој начин игра меѓу длабинскиот фокус и планарното, преку техниките на удвојување на дигиталниот екран.
Двете највпечатливи дела „Отпремнување“ на романската уметница Ана Паску и „Хербариумски колекции“ на кипарската уметница Клица Антониу суштински ја доведуваат во прашање формалистичката дијалектика на современото промислување. Првото преку самиот чин на скратување на временската рамка на снимениот материјал, а со тоа и на временскиот приказ во реверзибилен редослед. Второто преку чинот на дигитализација на замисленото аналогно дејство на прелистување на архивскиот скриптум. Во линија на една посодржајна критичка опсервација, Горанчо Ѓоргиевски изнесува концепт што ги преиспитува улогата и функцијата на кураторот, како суштински значаен субјект во креирањето на институционалните или вонинституционалните епистеми на оваа практика. Делото „Невестински бајрак“ на Г. Вренцоска претставува пример за контекстуален одговор на уметноста во конкретен ангажиран контекст. Преку инсталацијата „Живи организми“, Д. Нешовски отвора перспективни полемики околу улогата на уметноста како посредник меѓу индивидуалниот говор на уметникот и неговото можно влијание врз обликувањето на јавната свест. Процесот на растурање и повторно градење на сликата на К. Јовановски покажува јасна визија за потенцијалот на конвергентноста на медиумите.
Класичниот егзистенцијалистички приод говори за постоењето како априорна состојба на суштината, односно како чин на дејствување кон суштината што доаѓа последователно во реални околности и, следствено, како откривање на повикот за слободно изразување. Смислата на овој повик има двојна дијалектичка природа вткаена во самиот концепт, од една страна – враќањето на човекот кон природата, како суштински релевантен предзнак, а од друга – односот кон времето во коешто се создава.
Натали Р. Павлеска