Современата комедија „Мој термин“ (претходно најавена со работниот наслов #ТикТак) премиерно ќе биде изведена на 16 мај, во 20 часот, на малата сцена во Македонски народен театар. Претставата е поставена по мотивите на филмското остварување „TOC TOC“ (Trastorno Obsesivo Compulsivo во превод од шпански јазик означува Опсесивно-компулсивно нарушување) на францускиот писател Лорен Бафи и шпанскиот режисер Виcенте Виљануева, а во режија на Синиша Евтимов. Преводот на текстот во направи Благоја Бошковски, додека на адаптацијата на истиот работеа Синиша Евтимов и Благоја Бошковски.
Во претставата играат Јордан Симонов, Тања Кочовска, Оливер Митковски, Николина Кујача, Александар Микиќ, Сашка Димитровска и Александар Михајловски.
Главното дејство во „Мој термин“ отвора повеќе прашања поврзани со опсесивно-компулсивните нарушувања, како хронични нарушувања карактеристични по обземачките несакани мисли (опсесии) и ритуализираните повторливи однесувања (компулсии), кои ви се чини дека сте принудени да ги направите. Изведувањето на ритуалите најчесто не носи никакво задоволство, а сепак, тие нудат минливо олеснување за немирот генериран од обземачките мисли.
Првата реприза на претставата е на 17 мај, а следните изведби се на 27 и 29 мај. Сите дополнителни информации можете да ги најдете на официјалниот веб-сајт и фејсбук страницата на Македонски народен театар.
Поради експлицитните реплики кои се употребени во текстот, претставата е наменета за возрасна публика.