Книгата отсекогаш претставувала совршен начин за бегство од реалноста, барем накратко да се заборави на секојдневието и да се истражи еден сосема нов и возбудлив свет. Во време кога живееме со неверојатно брзо и напорно темпо, опсипани со безброј информации, потребни и непотребни, кога слободното време си го загадуваме со социјалните медиуми, неколкумина наши млади автори порачуваат да излеземе од рутината и да прочитаме интересни наслови.

Златко Гелески:
„Доктор сон“ од Стивен Кинг
„Колибата на крајот на светот“ од Пол Трембли
„Слип дисордер“ од Џек Кечам и Едвард Ли
– Премногу долго го одложував читањето на „Доктор сон“ и нема да дозволам филмот да се комплетира пред да биде прочитано продолжението на култното дело „Сјаење“ од највлијателниот жив писател на денешницата, хиперпродуктивниот крал на жанровската литература, кој ги следи авантурите на пораснатото дете и макабристичкиот карневал. „Колибата на крајот на светот“ е напишана од Пол Трембли, автор чија вештина на раскажување ја забележав во одличната „Глава полна со духови“. Затоа сакам да се нурнам во оваа негова интерпретација на поджанрот на домашната инвазија, каде што едно семејство оди во оддалечена колиба на езеро во Њу Хемпшир и го посетуваат непоканети гости, како предвесници на апокалипсата. „Слип дисордер“, пак, е збирка раскази, во која се пресретнуваат перата на Џек Кечам и Едвард Ли и на некој начин се создава колизија на нивните стилови и конструктивна конкуренција на двајца автори што ги разглобуваат жанровските тропи. Во книгата дури имаат и први драфтови на дела со кои се прави разлика во нивните писателски пристапи – вели Гелески.

Ирена Јурчева:
„Последниот чај“ од Винка Саздова
„Сите наши тела“ од Георги Господинов
„Приказната на робинката“ од Маргарет Атвуд
– „Последниот чај“ е контемплативен и љубовен роман, и мек и цврст, и нежен и груб, уште од првата реченица ве плени и, како при средба со сродна душа, се поврзувате и приврзувате со него. Приказна за потрагата по самиот себе, по сопствениот идентитет. Овој книжевен феномен, кој има доживеано единаесет изданија, е првиот роман на една од нашите најчитани и најпочитувани авторки, Винка Саздова. Во време кога со нашето инстант-кафе попрво би читале фејсбук-статуси, твитови и цитати, збирката кратки-кратки раскази „Сите наши тела“ од Георги Господинов нуди мошне длабоко и лавиринтско искуство. Овие молскавично кратки и впечатливи приказни за секојдневието талкаат меѓу детството и смртта, правејќи ја „Сите наши тела“ книга на парадоксите. Како и секој мајстор на убавиот збор, така и овој најпреведуван бугарски автор со малку зборови и хируршки прецизен израз кажува многу. „Приказната на робинката“ е дистописка класика, која малку личи на „Дневникот на Ана Франк“. Раскажува за холокауст на жените во блиска иднина, во патријархално мизогино општество – Република Гилеад. Романот е напишан во 1980-тите и со силната порака на ужас и предупредување бил пред своето време. Ова е најпознато дело на канадската писателка Маргарет Атвуд, добитничка на голем број книжевни награди. Филмувано е во истоимена серија. Моќна и застрашувачка порака, која отвора голем број општествени прашања – вели Јурчева.

Зорица Петкоска Калајџиева:
„Шиноморје“ од Чајна Том Миевил
„Автостоперски водич низ вселената“ од Даглас Адамс
„Моби Дик“ од Херман
Мелвил
– Авторот на „Шиноморје“ е британски писател за кој сѐ повеќе се слуша. Чајна гради досега невидени фантастични светови, а со нив и нови зборови и раскажувачки стил од кој ти застанува здивот. Во светот на „Шиноморје“ има бескрајни шини наместо мориња и луѓето одат на авантури со возови. Може да се рече дека станува збор за необична стим-панк фантастика, пандан на „Моби Дик“. „Автостоперски водич низ вселената“ од Даглас Адамс е научнофантастична комедија и легенда од книга. Артур и компанијата автостопираат низ вселената и им се случуваат бизарни работи: запознаваат депресивни роботи, весели врати со вештачка интелигенција, двоглав човек во бегство, го гледаат крајот на универзумот на рипит… и еден дедо се фали како ги направил фјордовите во Норвешка, ама не е Господ. Ја читам пак и пак и секогаш ми е смешна. Класикот „Моби Дик“, во превод на Огнен Чемерски, е светски славна и безброј пати цитирана книга, предизвик за секој читател, на секој јазик. Ја препорачувам бидејќи е ремек-дело со испреплетени зборови и во оригинал и во маестралниот превод. Предизвикува еуфорија како по освојување планински врвови – вели Петкоска Калајџиева.