КАКО СЕ НАЈДЕ „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВО ТРЕЈЛЕРОТ НА „ПЕТРУНИЈА“
Во трејлерот на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, кој од први мај ја почна својата дистрибуција во француските кина, може да се види и весникот „Нова Македонија“, во кој е завиткан крстот по вадењето од водите на реката, всушност настан околу кој се движи главното дејство на филмот. Весникот може да се забележи на една минута и десет секунди од трејлерот. За тоа како токму „Нова Македонија“ се најде во филмот и во трејлерот на новиот филм на Митевска таа вели дека ништо не е случајно.
– Во овој филм ништо не е случајно, впрочем во ниеден од моите филмови. Филмот го снимавме во јануари 2018 година, во тој момент новото име на државата сѐ уште не беше договорено, но кружеа дискусии за тоа кое би било тоа име. Нова Македонија е мојата пропозиција за нешто ново, конструктивно, позитивно, „Нова Македонија“ е и името на вашиот весник, весникот што, ако не се лажам, е еден од првите во земјава. Поимот весник е симбол на слободата на изразот и информирањето, како и пилар на демократијата. Главниот лик во филмот Петрунија се ослободува од товарот на традицијата, ги пребродува сите пречки и преку пронаоѓање на внатрешната сила, се реализира себеси. Истото тоа ѝ го посакувам и на Македонија – изјави режисерката Теона Митевска.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е прв македонски филм избран во главната конкуренција на „Берлинале“, односно прв што се најде во главна селекција на филмски фестивал од А-категорија по 25 години, по „Пред дождот“ во Венеција 1994 година.
По Франција, филмот оди во киносалите во Швајцарија, а месецов ќе биде претставен и на три фестивали во Албанија, Романија и во Украина.