Со минута молчење за деветте жртви во малиот германски град Ханау завчера вечерта започна 70-то издание на Филмскиот фестивал во Берлин, затоа што, како што се вели во соопштението за новинарите, фестивалот отсекогаш ги истакнувал и се заложувал за толеранција, почит и гостопримство. Пред проекцијата на филмот за отворањето, „Мај селинџер јиар“ на Филип Фалардо, со Сигурни Вивер во главната улога, беше кажано дека филмскиот фестивал тагува по пукањето во средата вечерта во Ханау и дека остро се противи на насилството и расизмот.
– Иако фестивалот во Берлин е гламурозен, ја задржува својата политичка ДНК – напиша агенцијата АФП.
Па, така, Хилари Клинтон ќе учествува во разговорите по документарната серија што ѝ е посветена, а украинскиот режисер Олег Сенчов, кој пет години помина во затвор, доаѓа на проекцијата на својот втор филм „Бројки“, инспириран од робијата.
Легендарното Берлинале годинава слави јубилеј, 70 години од постоењето. Фестивалот годинава има две новини, прво поместувањето на датумот на одржување од традиционалната втора недела, кон крајот од месецот (годинава од 20 февруари до 1 март), и второ, фестивалот доби нов уметнички директор, Карло Шатриан, кој според многумина е одличен познавач на филмот, со долгогодишно искуство на влијателниот филмски фестивал во Локарно, додека Мариет Ризенбек е новата менаџерка, која ќе се обиде да го крене фестивалот на повисоко ниво од досегашното. Таа е прва жена на чело на овој престижен фестивал.
Годинава на фестивалот ќе се прикажат вкупно 340 филма во различни селекции, а во трка за наградите „мечка“ ќе бидат 18 филма од 18 различни кинематографии. Еден од нив е документарен филм, а 16 од селектираните наслови тука ќе имаат официјална светска премиера. Познати имиња со свои нови филмови во официјалната конкуренција се докажаната британска режисерка Сали Потер, со својот нов филм „Д роудс нот тејкен“ во кој играат Хавиер Бардем, Ел Фанинг, Салма Хајек и Лора Лини, како и њујоршкиот ветеран Абел Ферара со своето ново остварување „Сајбириа“, во кое главната улога ја има Вилјем Дафо.
На чело на интернационалното жири е актерот Џереми Ајронс, а членови се аргентинско/француската актерка Беренис Бежо, германската продуцентка Бетина Брокемпер, палестинската режисерка Анемари Јацир, американскиот сценарист и режисер Кенет Лонерган, италијанскиот актер Лука Маринели и бразилскиот филмски критичар Клебер Фиљо.