Пред пет години на македонски јазик (,,Везилка 2011“) излезе нејзината последна книга „Руска археолошка приказна“, која како да е пишувана од сенка, спокојно и скромно, а со покритие што предизвикува лавина возбуди
Во својот роден Белград, во 94-та година од животот, почина Милица Николиќ, првокласна славистка, преведувачка, есеистка и натологичарка, која ги преведуваше, главно, делата на руските писатели: Бахтин, Хлебников, Цветаева, Бродски, Манделштајм… Николиќ беше животна сопатничка и сопруга на Оскар Давичо.
Пред пет години на македонски јазик (,,Везилка 2011“) излезе нејзината последна книга „Руска археолошка приказна“, која како да е пишувана од сенка, спокојно и скромно, а со покритие што предизвикува лавина возбуди. „Руската археолошка приказна“ на Милица Николиќ е потресно сеќавање на една бурна етапа од нејзиниот живот и творештво, хронолошки прецизно подредено, а се доживува како автентичен поетски трепет, ако сакате и биографија на едно време-невреме, на една тегобност од која знае и буквално да ви се слоши и низ морниците што сами ве полазуваат да си поставувате и поставувате неброени прашања – оттука па до Москва и Ленинград, од денес па до времињата на Сталиновите чистки и гулази… Како се влегува во времето, како се мери времето и неговата тежина, што значи отсечка од само две децении во обликувањето на ликот на времето?
,,Руската археолошка приказна“ е книга во која, како во целокупното творештво на Николиќ, има многу, најмногу – искреност. Затоа таа е и толку возвишено сведоштво за една љубов на авторката кон руската литература, особено од првите децении на минатиот век. Но, иако дискретно повлечени, сепак се јасно видливи и цртите на разликите меѓу она што се случувало во СССР и во Југославија, сѐ до распаѓањето на двете земји. Во еден ист календар на епохата – две различни времиња. Таму запрени часовници, тука страсна битка да се фати чекор со новото време во уметничкото творештво, на крајот сепак извојувана, излезена од тесниот кош на соцреализмот.
Кога ќе се спомнат и Русија и Југославија, денес може да се прават и други паралели, кои всушност самите си се наметнуваат на терезијата на времето и слободата. Оти Милица Николиќ јасно ни дава до знаење дека има уметност создавана без слобода, дека може да се дише и со малку воздух, та дури и без воздух – само треба да си упорен и издржлив. Потем, новите генерации ќе ги фаќа вртоглавица од минатото што тогаш било стварност. Од минатото каде што угнетените се тешат со уверувањето дека баш кога е најтешко, бликнува творечкиот порив, ама сите знаеме дека е тоа само изговор, обид за изговор и лажна утеха. Ниедно време, ниедно творештво, не може да биде бесчувствително на последиците од теророт, кога и да се случил тој. Но минатото знае и да нѐ турка напред. Инаку, не би ни било минато и чуму ни е?
Ристо Лазаров