Во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска ќе биде затворена првата самостојна изложба на ликовниот уметник Владимир Здравески, која наиде на одличен приме кај неговите сограѓани.
Станува збор за тематска изложба од девет дела, кои се резултат на истражувањето микроскопски записи од разни органи и други ситуации што се дел од микросветот.
– Причината за создавањето на овие дела е предизвикот да извлечам некаква микроситуација од микро во макропростор. Навлегувањето навнатре и континуираното ширење ми ја изместија перцепцијата на тоа што е големо и мало, далеку и блиску, микро и макро, сето тоа заедно како еден флуид што не прекинува. Секој составен дел од тој свет има своја посебна намена и улога значајна за себе и за целината од која е дел. Исто така, секој дел е понесен од некаква енергија за да ја врши таа функција, а истата таа енергија е и нашата движечка сила – вели младиот уметник Здравески.
За делата на Здравески осврт напиша поетот и новинар Филип Димкоски, кој ја отвори изложбата.
– Целосниот концепт на изложбата е издржан од повеќе аспекти, и тоа користените материјали за создавањето на делата, формата и боите. Сите заедно јасно ни ја даваат авторовата порака, што зборува дека уметникот осознал и јасно го прикажува осознаеното без да нѐ става на мисловно и емотивно распаќе. Влакненцата на јутата, конопот и хартијата префинето ја претставуваат идејата. Како форма преовладува кругот-создател на целината, симбол на совршенството, како што впрочем пее и Петре М. Андреевски „Тркалезно е и семето што го засејуваш во нивата“ (од песната „Тркалезни форми“). Тркалезното семе го раѓа тркалезниот леб, кој го храни тркалезниот свет – посочува Димкоски во освртот кон изложбата.
Здравески дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – отсек сликарство, модул конзервација и реставрација. Досега своите дела ги претставил на неколку групни изложби во Македонија, САД, Словенија и во Србија. Добитник е на наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во областа на сликарството. М.Т.