Риека во Хрватска и Голвеј во Ирска годинава ја делат титулата европска престолнина на културата, а ја презедоа од италијанскиот град Матера и од бугарскиот Пловдив, кои изминатата 2019-та ја славеа културата на Европа. Целогодишната програма на Риека ќе се реализира под мотото „Пристаниште на различности“ и ќе поставува актуелни европски културно-општествени прашања. Три главни програмски теми се водата, работата и миграциите, како симболи на испреплетувањето на идентитетот на Риека и современа Европа. Официјалното отворање на програмата е на 1 февруари, а во цела 2020-та се планирани повеќе од 600 настани. Во подготвувањето се вклучени над 250 партнерски организации, а учествуваат уметници од 40 земји од Европа и од светот.
И програмата во Голвеј, град на западниот брег на Ирска, официјално ќе почне на 1 февруари, под слоганот „Нека влезе магијата“, а ќе трае до крајот на јануари 2021 г. Најавени се повеќе од 1.900 настани, со учесници – партнерски организации од 30 земји, кои ќе се одржуваат во градот Голвеј, во околните села и острови и ќе се совпаѓаат со четирите огнени сезони на античкиот келтски календар. Темите на кои е фокусирана програмата се јазикот, пејзажот и миграцијата.
– Промовирањето на културата како клучен елемент на нашиот начин на живот донесува многу позитивно влијание на општеството во смисла на социјалната вклученост, интеграцијата и економскиот раст. Благодарение на титулата, овие два града ќе го користат целосниот потенцијал на културата за збогатување на нашето животно искуство и за приближување на нашите заедници. Тоа овозможува стекнување нови искуства, вештини и можности за учество во општеството и ги прави нашите општества поправедни и поинклузивни – изјави потпретседателот на Комисијата за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Шинас.
Риека е првиот хрватски град што ја понел титулата европска престолнина на културата.
– Успешна престолнина на културата е инклузивна и важна за нејзините граѓани. Таа е отворена спрема светот и ја илустрира желбата на нашата унија за промовирање на културата како двигател на мирот и заемното разбирање во светот. Истовремено, престолнината на културата донесува социјално-економска корист во регионите – изјавила пратеничката за иновации, истражување и култура и образование, Мариса Габриел..
Темите на програмата се провлекуваат низ изложби, претстави, опери, концерти и фестивали, гостување на уметници, поставување скулптури, претставувања книги и сл.
Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на проектот „Европска престолнина на културата“. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на Стариот Континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ. Во 2021 г. титулата треба да ја делат три града: романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, во 2022 година тоа ќе бидат литванскиот Каунас и Еш во Луксембург, а во 2023 – унгарскиот град Веспрем.