За фотографот Кирил Штрков, претседател на Фотосојузот на Македонија, фактот дека 72 автори вложија напор, време и средства да отпечатат 401 фотографија за учество на 59. „Денови на македонската фотографија“ во сегашните услови претставува огромен успех и доказ за високото реноме на манифестацијата
Кирил Штрков, претседател на Фотосојузот на Македонија
Фотосојузот на Македонија (ФСМ) годинава одбележува 75 години постоењe. Во негова организација, денеска во Охрид ќе започнат 59. „Денови на македонската фотографија“. Членовите на Сојузот, како што вели актуелниот претседател, Кирил Штрков, покрај на посебниот јубилеј на основањето, особено се горди и на претстојната државна изложба, на манифестацијата што со толку долг, непрекинат низ години претставува своевидно сведоштво за минатото, за развојот и за сегашноста на македонската фотографија. Тој наедно потсети и дека Фотосојузот на Македонија првично бил основан како Фото-кино сојуз, а од 1964 година и како самостоен сојуз.
Кирил Штрков по професија е стоматолог. Живее и работи во Скопје и интензивно се занимава со фотографија во последните десет години. Член е и на најстариот активен фотоклуб во градот, „Елема“, а добитник е на над триесет награди на домашни и на меѓународни фотографски манифестации. Носител е на титулата „фотограф прва класа“ на Фотосојузот на Македонија.
Каде ќе бидат изложени фотографиите и што може да очекува публиката?
– Оваа година Фотоклубот – Охрид е домаќин на изложбата и примените и наградените фотографии ќе бидат изложени во центарот за култура „Григор Прличев“. Отворањето и доделувањето на наградите ќе биде вечерва во 19.30 часот, а фотографиите ќе бидат изложени до 10 јуни. Она што ја очекува публиката е храбар и оригинален пристап на авторите кон фотографската уметност, мноштво различни идеи и различни мотиви.
Задоволен ли сте од бројот на фотографиите што пристигнаа за ова издание на манифестацијата што има натпреварувачки карактер, со оглед на актуелната криза со пандемијата на ковид-19?
– Што се однесува до бројот на пристигнатите фотографии и бројот на авторите што ги испратија можам да кажам дека ги надминаа нашите очекувања. Тоа значи дека 72 автори вложија напор, време и средства да отпечатат 401 фотографија! Во вакви услови тоа претставува огромен успех и доказ за високото реноме на манифестацијата.
Кој ги селектираше фотографиите и дали годинава учествуваат фотографи од сите фотоклубови во Македонија?
– Оваа година во жирито имавме двајца истакнати и долгогодишни претставници на фотографската уметност: Цветан Гавровски – мајстор на фотографија на ФСМ, Душан Доцевски – кандидат мајстор на фотографија на ФСМ и ликовниот уметник Мирослав Масин, за кого не треба посебно претставување, како трет член. Фотографии имавме од сите клубови што се членови на ФСМ, но особено пријатно нѐ изненадија самостојните автори. Имено, тие беа најмногубројни, а и ги поделија и наградите меѓу себе. Тоа, пак, од друга страна говори за непристрасноста на жирито.
Во Охрид меѓу другото, како што беше и најавено, ќе биде претставена и инстаграм-фотографијата. Што поконкретно ќе значи тоа и како гледате вие на постоењето на таквата фотографија денес во светот?
– Инстаграм-фотографијата е во наш фокус веќе подолго време. Минатата година не бевме во можност да ја реализираме идејата во целост, па останува да видиме колку оваа година ќе се вклопат коцките. Можеби ќе изненади многумина, но добрата инстаграм-фотографија ја прифаќаме со голема сериозност.
Традиционално, планирано е и доделување награди за учесниците. Меѓу нив е и наградата „Благоја Дрнков“, која годинава ја добива жена. Ве радува ли сѐ повидливиот тренд на зголемување на бројот на жени фотографи во земјава?
– Не сакам да ги делам авторите по пол. Тоа е можеби добро за извлекување некои статистички податоци и толку. Но, секако, ме радува кога млад автор, како што е Ана Андонова, ќе добие таква престижна награда.
Ќе ни откриете ли што би требало да ги очекува учесниците на планираното фотосафари во Горно Коњско, кое е исто така дел од 59. „Денови на македонската фотографија“?
– Самата локација ќе биде и за мене изненадување. Домаќините на настанот, членовите на Фотоклубот – Охрид, го опишаа местото како мошне живописно и јас им верувам на зборoт. Уште да имаме добро време и добро светло, па да ја заокружиме манифестацијата на најдобар можен начин, со дружење и фотографирање.