Документарниот филм „Медена земја“ од утре ќе се прикажува во кината во САД. Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, македонскиот победник на „Санденс“ ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли ројал“ во Лос Анџелес и „Куад синема“, Њујорк.
Почетокот на проекциите беше обележан со средба на режисерите на „Медена земја“, Љубо Стефанов и Тамара Котевска со публиката и претставници на медиумите, во Лос Анџелес и во Њујорк. Во меѓувреме, филмот беше прикажан во „Синема Детроит“ во Детроит, како и во „Реј старк фемили театар“ и во Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. Следува проекција во „Џејкоб Брнс филм центар“ и во „Куад синема“ во Њујорк. На 16 август ќе игра во Форт Колинс, Колорадо.
Дистрибутерот на филмот во САД, „Неон“, иако е млада компанија, изминативе неколку години застапува познати и наградувани нови наслови како: „Граница“, „Јас, Тоња“, „Борг против Мек Енро“, „Одмазда“, „Ингрид оди на запад“, „Чудовишта и луѓе“,„Дива роза“, „Мали Шуми“, како и документарците „Аполо 11“ и „Најголемата мала фарма“.
„Медена земја“ ќе може да го погледне и публиката во Австралија на 31 јули на фестивалот „Посилно од фикција“ во Канбера, а на 2 и 18 август во Мелбурн. Во текот на летото продолжува учеството на филмските фестивали, меѓу кои и на еден од најголемите во регионот „Сараевскиот филмски фестивал“, кој ќе се одржи од 16 до 23 август. Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас, „Македокс“, по што ќе се најде на редовниот репертоар во македонските кина.