„Медена земја“ е номиниран за најдобар документарен филм на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“.
Одлуката е соопштена денеска во Севилја, Шпанија. Македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.
Филмот раскажува за Атиџе, последната пчеларка во Европа која се соочува со сериозен предизвик кога треба да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа. Во Медената земја пристигнуваат пчелари номади кои го прекршуваат основното правило: земи половина од медот, а другата половина остави им ја на пчелите.
„Медена земја“ е најнаградуваниот македонски документарен филм, кој на почетокот на оваа година се закити со три главни награди на престижниот фестивал „Санденс“. Филмот е македонски кандидат за „Оскар“.