Вториот ден од фестивалската програма на „Киненова“ почнува со работилница на тема „Како со идеја до прв долгометражен филм“, на која предавачи ќе бидат Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, автори на филмот „Медена земја“. Работилницата ќе се одржи денеска напладне во Кинотека, влезот е слободен.
Во 18 часот е проекцијата на хрватскиот филм „Алекси“, режија и сценарио Барбара Векариќ. Филмот е дел од официјалната селекција и ја раскажува приказната за Алекси, 28-годишна девојка која ги игнорира своите обврски и се впушта во различни животни експерименти. Штотуку вратена од Берлин на имотот на нејзините родители во Далмација, таа се бара себеси низ познатата животна максима „секс, дрога и рокенрол“. Низ прекрасна фотографија и одлични сценаристички решенија, филмот на Векариќ ни ја прикажува новата хрватска кинематографија во поинакво светло, feel good приказна за една „шминкерка“ која растргната меѓу три интересни мажи на различни возрасти, само навидум не знае што сака.
Следува проекцијата на „Медена земја“, македонскиот кандидат за „Оскар“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, закажана за 20 часот во Кинотека.
Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да и’ ја преземе трговијата со мед. Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја“ не’ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време, конечно фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет.
И денот ќе го заокружи проекцијата во 22 часот на уште еден филм од официјалната селекција. Станува збор за филмот „Љубовен автомобил“,сценарио и режија: Елкe Маргарете Леренкраус. Додека се враќала со автомобил кон дома некаде на северот на рурална Германија, авторката на филмов крај патот ги гледала старите каравани украсени со кичести светла во кои се практикува најстариот занает на светот тука, крај автопатот. Гротескната слика авторката не можела никако да ја извади од главата, и решила да им даде глас на жените кои усреќиле многумина во ноќите исполнети со блуд и разврат. Проститутки од Источна Европа и Африка се обидуваат да преживеат во суровиот свет во кој секоја од нив има своја причина и приказна, се’ додека една од нив не биде брутално убиена. Ова е филм за микрокосмосот кој го опишува општеството пред самиот завршеток на глобализираниот капитализам.