Голема збирка на мумифицирани животни пронајдени во Сакара, древна египетска некропола близу Каиро, првпат е претставена пред јавноста на изложба отворена деновиве. Археолозите лани ја пронајдоа оваа збирка во близината на најпознатата зачувана скалеста пирамида. Пронајдени се стотина артефакти, меѓу кои маски, скулптури и мумифицирани мачки, крокодили, кобри и птици.
Египетските власти овие откритија ги претставија на изложба во непосредна близина на некрополата. Египетските археолози при истражувањата често пронаоѓаат мумифицирани мачки, но недопрени мумии на лавови се вистинска реткост.
На новинарска конференција е покажан голем скарабеј за кој се смета дека е едно од најважните откритија.
– Најубавото откритие меѓу стотината пронајдени мумии и предмети е овој скарабеј. Станува збор за најголемиот скарабеј на светот – рече Мостафа Вазири, главниот секретар на Врховното египетско собрание за стари предмети.
Сакара била некропола на градот Мемфис, која повеќе милениуми била главен град на древен Египет. Впишана е на списокот на УНЕСКО на културно наследство. Последниве години Египет вложува напори за промоција на своето археолошко наследство за да го оживее туризмот што во оваа земја е витален, но кој заостана по бунтот од Арапската пролет во 2011 година.