„Налепница“ е апсурдно патување низ дисфункционалниот административно-полициски систем застанат под мантрата „кадија те тужи – кадија ти суди“, вели Иванов
„Налепница“, кратката црна комедија снимена по сценарио и режија на Георги М. Унковски, како што најави нејзиниот режисер, има долг фестивалски живот. Досега се закити со 25 награди, а во очекување е и номинација за „оскарот“. Станува збор за бирократија спакувана во црн хумор. Главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола тргнува на пат и запаѓа во серија проблеми. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во филмот играат и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска и Димитрија Доксевски. На монтажата се потпишува Мартин Иванов.
Награди непрекинато се лепат за „Налепница“. И што е она што особено ве радува кога ќе се препознае квалитетот на филмот?
– „Налепница“ го започна фестивалскиот пат на 39-от филмски фестивал на независен филм „Санденс“. Оттогаш за неполна година филмот беше прикажуван на околу 140 филмски фестивали низ светот, освои околу 25 награди во различни категории и осамна на ХБО Европа, Канал + (Шпанија) и Топик. Особено ме радува што различни културни милјеа го препознаваат квалитетот на филмот што кажува за неговата комуникативност со публиката од сите меридијани. Сево ова е показател дека филмот го создаде екипа што го знае филмскиот занает. Дополнителна радост е што овие признанија инспирираат колеги и нови генерации филмаџии.
По прогласувањето за најдобар краток филм на 18-то издание на меѓународниот фестивал за краток филм „Ин д палас“, голема е веројатноста „Налепница“ да добие номинација за „оскар“. Кои се вашите очекувања? И колку оскаровската номинација ви импонира како тим?
– По ова признание, „Налепница“ освои награда за најдобар краток филм и на 51-от Филмски фестивал во Нешвил, еден од најстарите во САД, чии победници се квалификуваат во трката за номинација за „оскар“, па, така, „Налепница“ има две награди што го доближуваат до Академијата. Искрено, немам очекувања. Ако се случи номинација тогаш ќе се радувам. Секако дека ни значи што членови на Академијата ќе го погледнат филмот и тоа ни импонира до онаа мера што ќе нѐ поттикне да продолжиме да работиме на наредни филмови, кои можеби повторно би се нашле на нивната трпеза.
Филмот ја импресионира странската публика, но ја освои и најкритичната домашна публика. Со што освојува „Налепница“, кои се неговите најсилни адути?
– Секое уметничко дело што има сила да комуницира, ќе допре до публиката. Ова е уште еден доказ дека ако некој филм е искрено направен не може да фаќа прашина. Домашната публика имаше одбивност кон поновите македонски филмови и тоа е сосема разбирливо. До пред некоја година мноштвото македонски филмови беа подвижни слики без „крв и месо“ со фригидни, „увезени“ и силувани приказни без возбудливост. Тој став на македонската публика полека се менува поради филмскиот квалитет од последните години и радосен сум што конечно има генерација филмаџии, која гледа што се случува дома, а раскажува како да е рамо до рамо со светот. Замислете која какофонија од филм би бил „Апокалипса сега“ режиран од Тарковски, односно „Андреј Рубљов“ од Копола. Тешко е да се раскаже приказна што не е своја. Може, но само на интелектуално, не и на емотивно ниво. Секако, секогаш постојат исклучоци, но не е лесно да се почувствува и раскажува туѓо искуство. Според мене, најсилен адут на „Налепница“ се искреноста и рафинираниот црн хумор.
Бирократијата спакувана во црн хумор… Неисцрпна тема, непресушна инспирација, безвременски мотив. Со кои зборови вие ја опишувате „Налепница“? И, според вас, која е пораката што суптилно се проткајува низ дијалозите на филмот?
– Дозволете ми да се надоврзам на претходното прашање. „Налепница“ освојува затоа што раскажува приказна за родителска љубов што не може да биде спречена од бесмислени бирократски лавиринти. Истовремено, „Налепница“ е апсурдно патување низ разнишаниот административно-полициски систем застанат под мантрата „кадија те тужи – кадија ти суди“. Иако додека монтиравме со Георги му се смеевме на Дејан (Сашко Коцев), во реалноста тие ситуации воопшто не се смешни. Во секојдневието имаме примери каде што дивјаци што возат со брзина од 200 км/ч остануваат неказнети, а од друга страна се казнуваат луѓе поради неспособноста на системот што треба да ги опслужува. Тоа не е во ред.
Монтажата е еден од клучните елементи за добар производ. Како ја одигравте вие вашата улога?
– За да биде монтажата еден од клучните елементи мора претходно да се сработат и други важни делови. „Налепница“ беше добро напишан во сценарио, актерите се уверливи и присутни во секој кадар, режијата е флуидна во сооднос со сценографскиот простор, кинематографијата, шминката и костимите. Кога имате материјал со такви адути ви останува само да се забавувате и со режисерот да извадите максимум од секој филмски квадрат. Работите што ни боделе очи не се во филмот, а оние залепените веќе една година патуваат низ светот. Јас сум задоволен од сработеното, но не би можел да ја оценувам мојата работа, за тоа би требало други да кажат.
Претпоставувам дека имавте куп материјал што чека да се пролиста додека да се селектираат најбитните кадри, најсуштинските сцени, вистинските емоции, природните гримаси… Беше ли тешко да се спакува во краток филм?
– Единствен патоказ за селекција и монтирање на снимените кадри и сцени е компасот на самата приказна и доколку таа е интересна и динамична нема некоја мака. Кога монтирам филм се обидувам да го доживеам онака како што би го доживеала публиката на прво гледање. Таков беше и случајот со „Налепница“. Дозирањето на хуморот во голема мера ни беше предизвик. Ова е ретка професија каде што имаме привилегија да се смееме на „туѓа“ мака, на маката на ликовите, а во исто време тоа да биде етички исправно.