Македонските писатели Милован Стефановски и Дејан Трајковски со свои книги објавени на српски јазик гостуваат деновиве на 63-от Меѓународен белградски саем на книгата, кој до 28 октомври ќе се одржува под мотото „Радоста на читањето“. Почесен гостин на саемот првпат е арапска земја, Кралството Мароко, додека град гостин е Ниш.
Според српскиот весник „Данас“, издавачката куќа „Агора“ на саемот ги претставила своите две едиции – истоимената, каде што со години се објавуваат преводи на книги на најзначајните светски автори, и „Календар“, во која се наоѓаат најновите дела на домашните писатели. Во едицијата „Агора“ е објавен и романот „Неверство“ на Дејан Трајковски, кој и присуствуваше на неговото преставување. Како друга важна книга од странската литература е посочен романот на канадскиот писател Роберт Кроуч, „Станал Индијанец“, во превод на Тања Цветковиќ. Под наслов „Милован Стефановски: Многу зборови со малку зборови“, истиот весник го објави и интервјуто со овој писател, посочувајќи во уводот дека малку српски издавачи на читателите им ја приближуваат книжевноста од регионот, а меѓу нив е „Албатрос плус“, кој се одлучил за најдобрите дела од македонската книжевност. Минатата година оваа издавачка куќа го објавила романот „Зад аголот“ на Томислав Османли, а годинава претставува избор од три книги кратки приказни на, како што го нарекува весникот, истакнатиот писател Милован Стефановски, под наслов „Мониста од килибар“. Авторот лично направил избор за оваа книга, мала студија за неговото дело напишала Лидија Капушевска-Дракулевска, а преводот од македонски на српски јазик го направиле Верка Михајлова и Љупчо Силјановски.
„Данас“ во интервјуто со Стефановски објавено пред неговото доаѓање на Саемот на книгата, меѓу другото, истакнува дека тој спаѓа во редот на најугледните писатели во Македонија, дека се потврдил во повеќе книжевни жанрови, дека според негови раскази се снимени два краткометражни филма и дека е добитник на голем број награди.
Една од најдобрите пофалби за Стефановски, кој беше во Белград како гостин на „Албатрос“, напиша Петре М. Андреевски: „Милован Стефановски го одбрал најтешкиот образец на раскажување: со малку зборови и со негов лесен тек, кој има многу да ни каже“, пишува весникот, кој укажува дека расказите на Стефановски критичарите ги сместуваат во мешавина на реалното и фантастичното.
На прашањето што му е најинтересно во тој спој, Стефановски одговара дека тоа е мешањето на реалното и фантастичното, што одговара на алхемиски процес.
– Понекогаш имам чувство дека така најлесно, во двата правца, се поминува границата меѓу реалноста и сонот. Тоа е слично на онаа ситуација кога човекот сонува и во сонот се однесува како да е тоа стварност. Обратниот начин е малку потежок, но затоа и дава поголеми можности на имагинацијата и повеќе простор. Многу често истиот начин го применувам и при пишување долга проза, односно во романите, особено во последните два, „Рапави стихови“ и „Депа“, од вкупно петте романи што сум ги објавил досега – вели писателот.
Запрашан, пак, колку му се важи митовите, традицијата и фолклорот, Стефановски одговара дека негов принцип е дека ништо не е неважно, но во исто време сѐ треба да биде присутно во „нормални“ количества.
– Најтешко е да се пронајде мерката што е „нормално“. Истовремено сѐ треба да се постави во складни релации. Митовите се поврзани со историјата, традицијата го поврзува минатото, сегашноста со иднината, а фолклорот е најоригиналниот печат што го означува потеклото на напишаните пораки – вели меѓу другото во интервјуто Стефановски.