Кинеската меѓународна издавачка групација веќе неколку години, традиционално во мај, организира меѓународни семинари, кои се одржуваат во Пекинг. „Македоника литера“ последниве две години има продуктивна соработка со издавачката куќа „Делфин букс“, која е член на групацијата
Меѓународен е-семинар, на кој освен менаџери на групацијата и на кинески издавачи, ќе учествуваат и менаџери на издавачки куќи од десетина земји со кои соработуваат кинеските издавачи, ќе се одржи денеска во Пекинг, Народна Република Кина, во организација на Кинеската меѓународна издавачка групација. На семинарот ќе учествува и Нове Цветаноски, директор на издавачката куќа „Македоника литера“. Поради новата ситуација во светот и ограничувањата за патување, семинарот ќе се одржи комбинирано, конференциски за учесниците од Кина, а преку интернет-комуникација ќе учествуваат издавачи од Шпанија, Германија, Јужна Кореја, САД, Индонезија, Индија, Турција и Македонија.
– Главната тема на семинарот е влијанието на епидемијата, промените во кинеската и во странската издавачка индустрија, контрамерките и начините за зајакнување на меѓународната соработка. Преку интернет-дискусијата ќе се разговара на неколку панел-сесии посветени на: влијанието на пандемијата врз меѓународната издавачка продукција; влијанието и промените во кинеското издаваштво; влијанието и промените од пандемијата врз формите и содржините за читање на читателите; приспособување на издавачката индустрија на променливата состојба на епидемијата; и за можностите за натамошен развој, соработка и комуникација во издавачката индустрија – велат од „Македоника литера“.
Целиот настан и целиот процес ќе бидат снимени, а потоа и јавно достапни.
Кинеската меѓународна издавачка групација веќе неколку години, традиционално во мај, организира меѓународни семинари, кои се одржуваат во Пекинг. „Македоника литера“ последниве две години има продуктивна соработка со издавачката куќа „Делфин букс“, која е член на ЦИПГ.
Цветаноски минатата година учествуваше на неколку семинари и форуми за издаваштвото што се одржаа во Пекинг. Инаку, „Македоника литера“ е член на Унијата на издавачи од основањето, а последниве две години објави повеќе од 30 кинески книги. Во соработка со „Делфин букс“ досега копродукциски објави 13 тома од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, а за годинава се подготвува нова едиција книги за младите читатели. Имено, „Делфин букс“ е специјализирана издавачка куќа за книги за деца и млади и е водечка кинеска издавачка куќа во таа област во меѓународната соработка на кинеското издаваштво.
– Кинеската меѓународна издавачка групација е глобална медиумска корпорација и е лидер во меѓународната соработка на Кина во издаваштвото. Основана е во 1949 година, од Централната народна влада на Кина и е јавна институција поврзана со Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина. Таа е организација за вести и издаваштво и ги води надворешната соработка на Партијата и на државата во информирањето и Националната мрежа за книги. Составена е од 21 единица, од кои и седум издавачки куќи (меѓу нов е и „Делфин букс“), пет магазини, а има и 26 претставништва во 14 земји и региони – велат од издавачката куќа.
Секоја година, повеќе од 4.000 книги се објавуваат на повеќе од 40 јазици, а 34 повеќејазични периодични магазини се уредуваат на 14 јазици. Книгите и списанијата се дистрибуираат во повеќе од 180 земји и региони во светот и за интернет-публиката насекаде низ светот.