Првпат во историјата на овој реномиран фестивал на независни филмови еден филм е награден со три признанија, а ова е и првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“, и токму поради тоа е од големо значење за македонската кинематографија
Со победа во три категории, македонскиот документарен филм „Медена земја“, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“.
На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, нашиот филм ja доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија. Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена.
„Медена земја“ беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.
Првпат во историјата на овој реномиран фестивал на независни филмови еден филм е награден со три признанија, а ова е и првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“, и токму поради тоа е од големо значење за македонската кинематографија.
Премиерата на „Медена земја“ се одржа на 28 јануари, а по премиерата документарецот доби одлични рецензии од реномираните филмски критичари и медиуми, меѓу кои: Ентони Кауфман од „Скрин интернешнел“, Шери Линден од престижниот „Холивуд репортер“, Гај Лоџ од „Вараети“, Крис О’Фалт од „Индивајр“, Ерик Хајнс од „Филм комент“, Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ и други. Филмот раскажува приказна за Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ студиос“ од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Годинава филмот го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали за датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.