Со потпишувањето се создаваат формалноправни претпоставки за поголема достапност на странските филмски фондови (фондовите на „Еуримаж“) за копродуцентите од Македонија, се олеснува процесот на реализација на копродукции, а размената на странските искуства ќе има позитивно влијание врз унапредувањето и развојот на филмската дејност во Македонија
Македонија во почетокот на месецов ја потпиша ревидираната Европска конвенција за копродукции во кинематографијата на Советот на Европа, која е усвоена во 2017 година, а е резултат на забрзаниот развој на филмската индустрија во периодот од 1992 година, кога е востановена конвенцијата, до 2017 година.
Целта на ревидираната конвенција е да се обезбеди правна и финансиска рамка за копродукциите на филмови што вклучуваат најмалку три различни копродуценти основани во државите што се потписнички на конвенцијата. Конвенцијата може да биде употребена и како билатерален договор меѓу две страни.
Со потпишувањето се создаваат формалноправни претпоставки за поголема достапност на странските филмски фондови (фондовите на „Еуримаж“) за копродуцентите од Македонија, се олеснува процесот на реализација на копродукции, а размената на странските искуства ќе има позитивно влијание врз унапредувањето и развојот на филмската дејност во Македонија. Особена придобивка е намалувањето на процентот на учество во копродукцијата. Кога станува збор за мултилатерална копродукција, учеството од 10 проценти се намалува на 5 отсто, а кога станува збор за билатерален договор, процентот за учество се намалува од 20 на 10 отсто.
Во тек се активности за изработка на закон за спроведување на ратификацијата на ревидираната конвенција, кој ќе биде доставен на усвојување во Собранието на РМ.