Филмската програма на 11-от Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ продолжува со проекција на осум филма, четири кратки и четири долгометражни, секоја вечер на двете локации, во Кинотека и во Парк МКЦ.

На 22 август во Кинотеката се прикажуваат документарните филмови „А потоа паѓа ноќта“ на Маја Новаковиќ и „Светиот татко“ во 20.30 часот и „Гоиат“ на Жорди Прието и „Малиот човек, времето и трубадурот“ на Инеке Смитс во 22.30 часот.

Во Парк МКЦ на програмата се „Јак кеш“ на Алексеј Дмитриев и „Фатени во мрежа“ на Вит Клусак и Барбора Чалупова во 21 часот и „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукич и „Кралот на крстарењето“ на Софи Дрос во 23 часот.

Поради ситуацијата со коронавирусот годинава на „Македокс“ нема гости од странство, но дел од авторите на филмовите се вклучуваат со видеоврска по проекцијата на нивниот филм. Таков беше случајот со Џон Апел, автор на филмот „Кога прашината ќе слегне“, прикажан на 20 август. Станува збор за филм кој е селектиран во Главната програма, дел е од програмата Земја во фокус – Холандија, а на проекцијата присуствуваше и заменик-амбасадорот Роберт Декер од амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

Вклучување во живо имаше и Хјуберт Саупер, кој беше достапен на прашањата од публиката по проекцијата на филмот „Епицентар“ на 21 август.

Хибридното издание на „Македокс“ значи дека голем дел од содржините се одвиваат преку платформите „Синесквер“ и „Зум“ на интернет. До програмите се стигнува преку сегментот „Онлајн фестивал“ на сајтот на „Македокс“.

Годинава онлајн се одвиваат работилниците, дебатите, детската програма, форумот МакеКоПроДокс, како и разговорите под смоквата. На 20 август беа презентирани резултатите од работилницата за звук „Звукот го обликува филмот, филмот го обликува звукот“ со Владимир Ракиќ.

На 20, 21 и 22 се одржаа разговори под виртуелната смоква на кои вообичаено учествуваат автори на филмовите што се дел од филмската програма. Разговорите ги модерираат Петра Селишкар и Петрула Вељановска, а досега учествуваа Инеке Смитс, Сандра Берендс, Џон Апел, Софи Дрос, Кармен Кобос, Магнус Гертен, С. Лео Чианг и други.

На 22 август преку платформата „Зум“ се одржа мастерклас со Џон Апел со наслов „Помалку е повеќе“ (Less is More). Разговорот го модерираше Петра Селишкар, а познатиот холандски документарист зборуваше за начинот на кој ги снима своите филмови со акцент на годинашната тема – функцијата на тишината во документарниот филм. Своите размислувања Апел ги илустрираше со инсерти од негови филмови, како „Последната победа“, „Коцкар“ и филмот што годинава беше прикажан на „Македокс“ – „Кога прашината ќе слегне“. Овој филм е снимен на три локации кои доживеале катастрофална несреќа – во гратчето Аматриче, кое е разрушено од земјотрес, во Припјат, град во непосредна близина на атомската централа Чернобил, и во Алепо – град разрушен од војната во Сирија.

– Не сакам да правам безбедни филмови. Тоа е досадно. Затоа одам на места кои луѓето мислат дека се небезбедни, како Алепо во Сирија. Кога бев помлад бев многу поотворен и пољубопитен, но сега со целото искуство и знаење построго ги селектирам работите што ги снимам. Во фазата на истражување отворено и со искрена намера им пристапувам на протагонистите, а на тој начин се стекнува доверба. Кога ги правам филмовите не сакам соговорникот да биде само објект за снимање, туку секогаш има и подлабока комуникација позади камерата, додека се подготвуваат снимањата. Трпението е една од најважните карактеристики на документаристите, да имаат трпение да чекаат нешто да се случи. Секако, тоа е поврзано и со довербата на протагонистите и со работата што ја работите – меѓу другото истакна Апел на мастеркласот.

Џон Апел има направено повеќе од 40 документарни филмови, а голем дел од нив имаат добиено значајни светски филмски награди. Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11-от Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“. Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.

Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата
„mktickets.mk.“.

Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.