По препорака од Надежда Чачинович и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипите
Ема Бовари, насловната хероина од овој француски роман, кој е објавен, и покрај судските и слични развлекувачки околности (романот е обвинет дека е неморален), 1856 година, во меѓувреме се стекна со слични својства на митските литерарни ликови Дон Жуан и Дон Кихот. Создаден е и посебен поим, „боваризам“, денес еднакво употребуван како и тогаш.
Невозможно е во краток осврт да се опише повеќеслојноста на овој книжевен чин, па ќе се ограничиме на можниот поттик и на ограниченоста на машкиот портрет на впечатливата хероина. Ема Бовари е заслепена од книгите на оној начин што денес е почест во врска со филмовите и телевизијата. Како ќерка на селанец, таа се стекнала со некакво образование, а пред сè научила да чита романи. Ла Рошфуко рекол дека некои луѓе никогаш не би се заљубиле ако не читале за љубовта. Ема, полна со романтичарски очекувања, се мажи за нималку романтичен селски лекар, кој очигледно не ѝ е партнер за она што го очекувала од животот. Сè околу неа е ситно и приземно. Таа е „несфатена жена“ и бара љубов надвор од бракот, но и во тоа е неуспешна, пред сè затоа што е склона кон самозалажувањето. Ниту искусниот аристократ ниту зборлестиот граѓански младич не се вклопуваат во нејзините претерани очекувања.
Донкихотовото неразбирање на стварноста било алтруистичко; Ема не можеме да не ја доживееме како крајно егоцентрична личност; таа е трагична хероина, жртва на околности, за некој како неа нема друг излез освен резигнацијата. Во самоубиство е натерана од долговите (и од уцената на одвратниот доверител), долгови во кои е натерана од страста со која ја надоместува емоционалната незадоволеност, страст за купување. Задоволувањето на длабоката празнина со купување можеби е темелно искуство на многу современи жени.
Флоберовиот роман не е напишан од некоја симпатија за женската положба, тој ја одбрал оваа тема токму поради прозаичноста, поради одрекувањето од романтизмот, поради можниот коментар за природата на илузиите, која е постојана тема на оние што се занимаваат со противречен потфат, да создадат реалистична слика за светот со помош на измислена приказна.
Впрочем, и Сервантесовиот Дон Кихот настанал од намерата за исмејување на ритерските романи, но тоа не е и единствениот резултат на неговото величествено дело. Флобер во еден миг изјавил дека самиот е Ема Бовари, создавајќи така уште еден повеќезначен исказ за природата на пишувањето. Таа реченица, секако, кажува за некаква идентификација, за соживување. Мнозина сметаат дека мажите никако не можат да создадат уверлив женски лик, а многу денешни жени го отфрлаат ваквото надворешно, немилосрдно сликање на женски лик, кој прераснува во стереотип на жената: жена што секогаш нешто бара, која никогаш не е задоволна, која се мами себеси и ги лаже другите, а не е баш ни некоја мајка. Сепак, треба да се соочиме со Ема Бовари. Други класици ни даваат директно задоволство, потврда на сопствената вредност.
Но прават и нешто друго, го изоструваат нашето разбирање. Во таа смисла, овој Флоберов роман е неизбежен. Ние жените мораме да знаеме дали сонуваме кога со право сакаме подобар живот или само бегаме од можните начини нешто да направиме за себе. Ема можеби немала некаков избор, но ние имаме.
Надежда Чачинович (Будимпешта, 1947) е современа професорка по филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, социолог, компаративистка, феминистка, авторка и преведувачка на дела и учебници по филозофија, со словенечки етнички корени. Се школувала во Цирих, Берн, Белград, Мурска Собота, Љубљана, Бон и во Франкфурт. Студирала филозофија, компаративна книжевност, историја на уметноста и лингвистика, а докторат по филозофија одбранила во Загреб. Била на студиски престои во Берлин, Париз, Мастрихт и во Копенхаген. Предава естетика, филозофија на културата и филозофија на родот. Беше претседателка на хрватскиот ПЕН-центар, а сега е една од неговите потпретседатели. Членка е на Хрватското друштво на писателите.
Гистав Флобер (1821-1880), француски писател од времето на реализмот, познат по естетската опсесија за постигнување совршено прецизен стил во неговите дела, со што извршил огромно влијание и врз модерната книжевност. Негови најзначајни дела се романите „Мадам Бовари“ (1857), „Саламбо“ (1862) „Сентиментално воспитување“ (1869) и „Искушението на свети Антониј“ (1874).
(Превод од хрватски јазик и кратки белешки за авторите: Весна Ацевска)