Петрула Вељановска, членка на тимот на „Македокс“
Потребна е добра стратегија за дистрибуција и пласман на нашите филмски остварувања на европскиот и на светскиот пазар, па токму поради тоа „Македокс“ го иницира форумот „МакеКоПроДокс“, со цел да развие стратегиски план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот, но секако и да се разговара за прашањето што откако филмот е завршен, вели Вељановска
Над 70 документарни остварувања на „Македокс“, околу 30 гости од странство, проекции на четири локации и фокус кон дистрибуцијата на документарниот филм, со посебен акцент на промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа е она што го обележи 12-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Годинава во фокус беше разговорот за дистрибуцијата на документарниот филм и промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа, како се наметна оваа тема?
– Минатата година, откако започна сево ова околу пандемијата и затворањето на границите, пред сè, се наметна прашањето како ќе се развиваат сега фестивалите и како ќе се вршат дистрибуцијата и промоцијата на филмовите, со оглед на тоа што авторите, а и организаторите на фестивалите се сè помалку во можност да патуваат, да се среќаваат и да ги одржуваат контактите што претходно ги граделе со години.
„Македокс“ бележи солидно искуство во промоцијата и дистрибуцијата на документарните филмови, какви се досегашните практики?
– Со текот на годините, задоволни сме што изградивме солидни врски и контакти со некои дистрибутери за кои сметаме дека имаат што да ни понудат за подобро да ја обликуваме нашата фестивалска програма. Секако, за тоа многу придонесуваат и средбите со режисерите на документарни филмови, за кои секогаш се трудиме физички да бидат присутни на нашиот фестивал и да го промовираат својот филм. Еден од дистрибутерите со кои имаме добра соработка и одлично искуство е Хајно Декерт, со кого имавме и мастерклас на годинашното издание на „Македокс“ на оваа тема.
Хајно Декерт е еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови. Што можеше да се слушне и да се научи од неговиот мастерклас?
– Тој беше дистрибутер и на „Медена земја“ за Европа, па затоа оваа година решивме да организираме еден мастерклас на тема што точно работат продажните агенти и што треба да правите со завршениот документарец – со филмот „Медена земја“ како пример, на кој Хајно ни ги откри неговите трикови и магии како да се направи успешна дистрибуција на еден филм откако ќе биде завршен. Имено, од каде треба да се почне со дистрибуцијата, како се гради стратегија за дистрибуција на филм во однос на тоа дали е тој филм повеќе за фестивалско или за ТВ-прикажување и во однос на тоа на која публиката ѝ се обраќа. На мастеркласот се разговараше и за тоа колку актуелната состојба влијае на промоцијата и дистрибуцијата на документарни филмови, дали знаеме каде одиме и што сега. Меѓу занаетските тајни што Декерт ги откри на мастеркласот е дека личниот контакт секогаш е поубедлив од аплицирањето преку мејл, но и дека селекцијата на секоја апликација се прави многу внимателно, земајќи ги предвид сите параметри на документарното дело.
Колку пандемијата имаше влијание на дистрибуцијата и промоцијата на документарните филмови?
– Со самото тоа што вирусот влијае на нашиот имунитет и затворањето на границите, тој влијае и на имунитетот на фестивалите, тие станаа ранливи во однос на начинот на презентацијата и промоцијата на филмовите. Многу фестивали го сменија својот формат од физички во дигитален, во најмала рака комбиниран модел од физичко и дигитално издание на фестивал. Минатата година „Македокс“ одеше со овој комбиниран модел на физичко и дигитално издание на фестивалот, кој е поскап модел и за вакви мали земји како нашата, не толку исплатлив, па затоа оваа година решивме повторно да се вратиме на „старото нормално“ и да направиме физичко издание на фестивалот, поканувајќи одреден број автори на филмовите од фестивалската програма, секако, во рамките на тоа колку што ни дозволува здравствената криза и почитувајќи ги сите протоколи. Морам да признам дека авторите на филмовите се навистина воодушевени што им даваме можност физички да присуствуваат на фестивалот, да остварат директен контакт со публиката и во крајна линија нивниот филм да се прикаже на големото филмско платно, за кое и го правеле филмот. Тоа навистина многу им значи ним, а според реакциите на публика, тоа многу ѝ значи и на публиката.
Што треба да се направи за подобра дистрибуцијата на македонскиот документарен филм?
– Секако дека е потребна добра стратегија за дистрибуција и пласман на нашите филмски остварувања на европскиот и на светскиот пазар, па токму поради тоа „Македокс“ уште во 2010 година го иницира форумот „МакеКоПроДокс“, со цел да развие стратегиски план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот, но секако и да се разговара за прашањето што откако филмот е завршен. Годинава беа поканети 12 претставници на филмски агенции од регионот, претставници на ТВ-радиодифузери, филмски програмери од мрежата „Дом араунд Јуроп“, филмски дистрибутери и локални продуценти за да се разговара и да се споделат знаење и искуство за тоа какви промени настанаа во пандемијата и како ќе се развиваат фестивалите и начинот на дистрибуција на филмовите по неа. Целта со овој проект е, првпат, да воспоставиме нов здружен сектор на Балканот, како единствен начин да се амортизираат последиците од кризата, а и да ги изнесеме на површина проблемите со кои регионалните земји редовно се соочуваат, притоа обидувајќи се да изнајдеме начини за нивно надминување.