Организаторите на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе биде отворен в недела, во 20 часот, во „Даутпашиниот амам“ во Скопје, ја најавија целосната програма за седмото издание. Годинашниот лауреат на наградата „Прозарт“, бугарскиот писател Алек Попов, ќе биде во друштво на ланскиот лауреат, српската легенда Светислав Басара. На новото издание на фестивалот ним ќе им се придружат: српскиот колумнист Теофил Панчиќ, словенечката писателка и преведувачка Једрт Лапух Малежич, турскиот бестселер-романсиер Тарик Туфан, хрватскиот писател Ивица Пртењача, специјалниот гостин Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот победник на Кан од 2011 г., „Беше еднаш во Анадолија“ и писателката Јагода Михајловска-Георгиева. Гости на отворањето ќе бидат и литературните агенти и уредници: Пјер Астие, Бетина Вергетер, Катја Урбанија и Реџеп Хида.
В понеделник во 17 часот во Турскиот културен центар ќе се одржи дискусијата „Ерџан Кесал во Скопје“. Во 19 часот во ЕУ-инфоцентарот ќе се одржи тркалезната маса „Литература, страв, политика“. Фестивалот ќе биде затворен на 21 мај во „Даутпашиниот амам“ во 20 часот, кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.
На затворањето ќе се обратат лауреатите Алек Попов и Светислав Басара. Гоце Јованоски („Фолтин“) и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Мисија Лондон“ според романот на Алек Попов. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Синергија: литература, филм, музика“. Новитет од годинава е воведувањето нови програмски содржини на фестивалот со спој на проза, музика и филм во синергија. Во чест на лауреатот, на 22 мај во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Мисија Лондон“, според сценариото на Алек Попов.