Премиерата на драмската претстава „Лимонада во друштво на директорот“, која се одржа вечерва, во изведба на драмските аматери од Кичево, во целост ги оправда очекувањата, а преполната сала во најголем дел со млади лица е само потврда дека драмската уметност има многу приврзеници во Кичево.
Тимот предводен од режисерот и актер Михајло Петрески и младите Весна Гаврилоска, Тијана Решкоска и Кристијан Илијески, се потруди многубројните гледачи, присутни на оваа претстава, презадоволни да го напуштат Центарот за култура.
-Полната сала беше дополнителна инспирација за сите актери вклучени во оваа драмска претстава. Посетата беше уште еден поттик наскоро да подготвиме и нови претстави и во голема мера да ги промениме навиките на нашите сограѓани– рече режисерот и актер, Михајло Петрески.
Гледачите за цело време додека траеше претставата покажаа голема култура на однесување и со полно внимание ја проследија истата.
-Вечерва имавме можност да проследиме една лесна драмска претстава, во која е доловен денешниот начин на живеење. Би посакале ваквите претстави да бидат почести, впрочем и полната сала потврди дека на нашиот град му недостигаат културни случувања од секаков вид, а најмногу драмски претстави- рекоа по претставата Александар Грујоски и Перо Ангелески, присутни на оваа премиера.
Зоран Антоски