Краткиот расказ со наслов „Кога заминав од Карл Либкнехт“ на македонската писателка Лидија Димковска е во конкуренција на литературен конкурс, отворен по повод 10 години од востановувањето на престижната Награда за литература на Европската Унија. На литературниот натпревар, отворен за сите претходни 106 победници, се пријавиле 36 лауреати од 26 држави, кои го прифатија предизвикот да напишат расказ за Европа.
Сите раскази се преведени на англиски јазик и се собрани во онлајн-книга што може да се преземе од Интернет. Читателите можат да гласаат за една од 36-те приказни, а авторите на десетте најуспешни ќе имаат можност да патуваат во Виена на церемонијата за доделување на наградите.
Лидија Димковска е единствен кандидат од Македонија.
– Многу посебна година е 2018-та: ја прославуваме Европската година на културно наследство, како и десетгодишнината од Наградата за литература на ЕУ. За да ја одбележиме оваа пригода, го организираме конкурсот „Европска приказна: победниците на наградата за литература на ЕУ ја пишуваат Европа“. Овој уникатен натпревар за кратки прозни дела, ексклузивно е отворен за претходни лауреати на наградата за да ги прослават креативноста и богатството на современата европска литература – се вели во конкурсот.
Инаку македонската писателка Лидија Димковска за својот роман „Резервен живот“, во издание на „Или-или“, ја доби наградата за литература на Европската Унија од Македонија во 2013 година. Доделувањето на наградите се одржа во Брисел, а на претставувањето на добитниците беше воспоставена видеоврска со Димковска, која живее во Љубљана. Таа тогаш рече дека тоа е голема чест за неа и за македонската литература и дека претставува реално поместување на границите на она што се твори во Македонија нанадвор, кон читателите во Европа и во светот, кои по преведувањето на книгата на различни јазици ќе имаат можност да се запознаат со темите со кои се занимаваат и за кои пишуваат македонските писатели.
Наградата за литература на ЕУ е востановена во 2009 година. Таа им се доделува годишно, на писатели од 12 земји што се дел од Програмата за култура на ЕУ, по принцип на ротација.
Прв македонски автор што го добил ова признание е Гоце Смилевски, во 2010 година.