Првото издание на фестивалот ќе се одржува во Охрид, некои од активностите ќе се одржуваат на различни локации низ градот, а главната програма ќе се одржи на плажата Оревче. Филмската програма ќе опфаќа нови европски филмови, некои од нив тука ќе ја имаат својата светска премиера
Од 19 до 22 јули оваа година ќе се одржи првото издание на фестивалот на нов европски филм – „Бич филм фестивал“, кој е поддржан од Агенција за филм на Република Македонија. Првото издание на фестивалот ќе се одржува во Охрид, некои од активностите ќе се одржуваат на различни локации низ градот, а главната програма ќе се одржи на плажата Оревче.
– Ова е прв фестивал од овој вид во Македонија, а што е тоа што го прави уникатен и иновативен – бидете наши гости и сами ќе откриете. Програмски, фестивалот е поделен на три сегменти – филмска програма, едукативна програма и интермедијална програма. Филмската програма ќе опфаќа нови европски филмови. Некои од филмовите тука ќе ја имаат својата светска премиера што претставува одлична можност да се видат првпат кај нас. Ќе има и селекција на детски филмови – најавува Ана Опачиќ, директорка на фестивалот.
За филмовите од официјалната селекција предвидени се награди со назив „голем бран“ за долгометражни и „мал бран“ за краткометражни филмови. За изборот на најдобар филм ќе биде задолжено стручно жири составено од докажани имиња од филмската индустрија (Јелена Јованова, Марјан Алчевски, Весна Дамчевска).
– Едукативната програма се состои од три работилници за деца и млади, работилници за актерска игра, филмска едукација и фотографија. Исто така во рамките на програмата „Креативна Европа“ ќе одржи тридневна панел-дискусија на која ќе учествуваат десет претставници на програмата „Медиа“ од Европа и од Балканот. Во рамките на фестивалот ќе се одржи и конференција од областа на образовниот систем, која ќе биде наменета за наставници и професори од основните и од средните школи, а модератори ќе бидат професори и истражувачи од земјите на Европската Унија и на Балканот. Панел-дискусија ќе одржи и директорката на хрватската кастинг-агенција „Дуарт“, наменета за студенти по актерска игра и професионални актери, кои вториот ден од панелот ќе имаат и можност да станат членови во нивната „Европска платформа за актери“ – вели Опачиќ.
На крајот од дневните фестивалски активности и вечерните филмски проекции, секоја вечер на полноќ на плажата Оревче ќе има забавна програма составена од концерти и настапи на докажани домашни и интернационални бендови, изведувачи и диџеи, и тоа ќе трае до пред појавувањето на раното изгрејсонце.
Наскоро ќе биде објавена фестивалската програма, билетите за настаните ќе бидат пуштени во претпродажба на „Купи карти за сѐ“, а исто така резервација ќе може да сe направи и на нашиот официјален мејл [email protected]. Сите заинтересирани студенти, ученици, новинари ќе добијат фестивалски акредитации, со пријавување на истиот мејл.