Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВРАЧЕНИ НАГРАДИТЕ НА КОНКУРСОТ ЗА КРАТОК РАСКАЗ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Силвија Митевска за „Присвоено јунаштво“, Ѕвездан Георгиевски за „Дедо Митре го урива покривот“, Ермис Лафазановски за „Инаетот што тлее меѓу нас!“ (прва, втора и трета награда), како и Билјана Стевковска-Савиќ за „Несреќна случка“, Петар Андоновски за „Кој се плаши од минотаур?“ и Марио Букна за
„Колекционер на кукли“ (откупни награди) се годинашните добитници на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, на кои вчера во кафулето „Капри“ на свечена церемонија им беа врачени наградите. Наградените раскази нашите читатели ќе може да ги проследат во прилогот ЛИК, кој излегува секоја среда, почнувајќи од претстојната.

Авторите на најдобрите раскази за 2018 г.
Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од конкурсот за краток расказ, кој годинава го одбележува своето 58. издание од почетоците, а ако го земаме предвид возобновувањето на весникот во 2008 година, можеме да се пофалиме со еден наш мал јубилеј. Имено, новата редакција на весникот истата година го возбнови и традиционалниот конкурс за расказ, така што годинава тој ја заокружува првата десетка. Изминатата деценија ни покажа дека колку и да се чини застарена идејата за објавување на расказот во дневниот печат, овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност може да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата на читање на кратките раскази – рече Весна Дамчевска, уредничка на култура во весникот и членка на жирито.

Писателот Александар Прокопиев, пак, селектор во комисијата, говореше за годинешните добитници и за наградените раскази.

– Читателското задоволство е многу променлива категорија, ако се зачне од првата реченица и првиот пасус, особено на кратки жанрови како што е расказот, тогаш тој станува еден спонтан сојузник на оној што го напишал расказот, на писателот. Имено, додека читаме романи во ова забрзано време, освен ако не се тоа навистина од највисокиот ранг, ние ги запоставуваме, ги туткаме, ги фрламе во некои фиоки, мал број романи остануваат прочитани во еден здив, а таа предност ја има краткиот расказ. Да не зборувам за сите мајсторства што ги бара краткиот расказ – рече Александар Прокопиев, селектор во комисијата.

Редакцијата и жирито задоволни од годинашниот одзив на конкурсот

На овој конкурс имавме повеќе од 200 раскази и може да се определат некои основни теми на подобрите, кои беа 30-40. Според Прокопиев, за разлика од претходните години, овие раскази беа свртени навистина кон она што денес е меѓу нас, во нас, сето она што ни се случува секојдневно и нѐ изненадува со пресврти, кои дури ни мајстор на хоророт или на криминалниот филм не би се сетил како сценарист да ги каже.

– Многу од расказите меѓу тие 40, кои се многу современи, сегашни, беа напишани на еден многу прифатлив и многу добар начин. Како жири инсистиравме да внесеме нов дух во наградените раскази, во жанровска и тематска смисла. Нема многу меѓу наградените раскази што се трагични, поврзани со смрт, или љубовни жалопојки и сл., барем не на таков трагичен начин, но затоа има раскази што се многу духовити, кои се стилски напишани многу мајсторски, дури има и од жанрот на хоророт, кој недостига во нашата литература – рече Прокопиев.

Тој заклучи дека овој конкурс на „Нова Македонија“ е многу вреден затоа што е единствен во нашата држава што е толку квалитетен и долготраен и што ја враќа вербата, особено кога ќе се земе предвид огромната бројка на автори што учествувале, кои се талентирани и имаат свој специфичен однос кон нашата стварност.

Александар Димковски нагласи дека деновиве „Нова Македонија“ одбележува 74 години од печатењето на првиот број.

– Ние тој јубилеј го одбележуваме секоја година традиционално со неколку настани. Правиме посета во Горно Врановци, каде што е отпечатен првиот број, организираме планинарски марш низ патеките каде што била пренесувана печатницата за да се овозможи печатењето на тој број и, секако, овој денешен настан, врачувањето на наградите за краток расказ, кој претставува заокружување на сето тоа, како своевидна круна, па затоа му посветуваме најмногу внимание – рече Димковски.
Честитајќи им на добитниците, тој посочи дека ќе настојува, најверојатно од идната година, она што досега е собрано како раскази од конкурсот, во консултација со комисијата, да се публикува во една книга.